Оливера Ковачевиќ / фото: „Нова.рс“

Новинарката на РТС Оливера Ковачевиќ ќе го тужи српскиот претседател Вучиќ

Новинарката на Радио Телевизија Србија (РТС), Оливера Ковачевиќ ќе поднесе тужба против претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ. Како причина за тужбата, во писмо кое беше објавено од Здружението на новинарите на Србија, Ковачевиќ наведува дека од страна на Вучиќ била злонамерно обвинета дека е блиска до Демократската партија и партијата на Драган Ѓилас, дека го откажала гласањето на „Евровизија“ и оти е „дел од елитна група“ чиишто членови, како што кажа Вучиќ во гостување на телевизија „Хепи“, „се договараат кој ќе владее во Србија“.

Како што јавуваат српските медиуми, Ковачевиќ вели дека таа долго време не се занимава со информативна програма и оти Вучиќ е добро запознаен со фактот дека нејзината емисија „Да, можеби не“ била укината и дека таа сега е само уредник во забавната програма.

„Докажавме дека во Србија, барем за Евровизија, може да се гласа фер, и дека сите учесници се натпреваруваат под еднакви услови. Дали ја разбирате оваа мала асоцијација? Инаку, претставниците на вашите омилени таблоиди Информер, Ало, Хајп ТВ на Саша Мирковиќ и пејачот Аца Лукас упатија слични обвинувања за „средување“ на победникот на моја сметка, па сите ги добив на суд. Се надевам дека ќе се појавите на суд со поцврсти аргументи, бидејќи наскоро ќе поднесам тужба против вас поради изнесените лаги“, изјави Ковачевиќ.

Новинарката рече и дека „по малку се плаши“ поради обвинувањата дека е дел од некоја „елита“ која „сака да го убие Вучиќ“ и со тоа да одреди кој ќе биде на власт во Србија.

„Не за Вас. Ќе ја надживеете сопствената биографија. Се плашам за земјата во која живеам. Се плашам за медиумите кои се прегазени и станаа бараки. И за крај, ве поздравувам со студентски поздрав – не сте надлежен“, вели Ковачевиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот