„Кога волот доаѓа во палатата, тој не станува крал“ – новинарка обвинета за навреда на Ердоган

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган/ Фото EPA-EFE/VLADIMIR SMIRNOV/

Турскиот суд одреди притвор за новинарката Седеф Кабас поради обвинение за навреда на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и кршење на законот со кој досега беа осудени десетици илјади луѓе, објави турската Си-Ен-Ен.

Полицијата ја приведе Кабас околу два часа по полноќ и најпрво ја одведе во главната полициска станица во Истанбул, а потоа ја префрли во градската судница, каде судот нареди нејзино официјално апсење, рече ТВ водителката.

Затвор од една до четири години

Наводната навреда се однесува на коментарот на Кабас за кабинетот на претседателот.

Кабас не го именуваше директно Ердоган. Меѓутоа, властите се противат на поговорката што таа ја употреби за време на емисија на телевизијата Теле1, а подоцна и твитна.

„Кога волот доаѓа во палатата, тој не станува крал. Но, палатата станува штала“, напиша Кабас.

„Честа на претседателскиот кабинет е чест на нашата земја. Ги осудувам вулгарните навреди упатени кон нашиот претседател и неговата канцеларија“, напиша директорот за комуникации на турската влада Фахретин Алтун на Твитер.

Мердан Јанардаг, главен уредник на Теле 1, каде Кабас коментираше за кабинетот на претседателот, остро го осуди нејзиното апсење.

„Нејзиното апсење во текот на ноќта, во два часот по полноќ, е неприфатливо поради коментарите“, напиша тој на Твитер, додавајќи дека тоа е „обид да се заплашат новинарите, медиумите и општеството“.

Илјадници обвинети и осудени за навреда на Ердоган

Законот за навреда на претседателот предвидува затворска казна од една до четири години.

Во октомври минатата година, Европскиот суд за човекови права ја повика Турција да го промени законот откако донесе одлука дека притворањето на луѓето според законот ќе ја наруши слободата на изразување.

Илјадници беа обвинети и осудени за навреда на Ердоган во последните седум години откако тој ја смени премиерската фотелја.

Повеќе од 30.000 истраги беа покренати во 2020 година поради слични наводи, отворени се 7.790 случаи, од кои 3.325 завршија со осудителна пресуда, според турското Министерство за правда, што е малку пониско од 2019 година.

Откако Ердоган стана претседател во 2014 година, започнати се 160.169 истраги за навреда на претседателот, отворени се 35.507 случаи, а 12.881 завршиле со осудителна пресуда.

Видео на денот