
Новинарите почнуваат битка пред Граѓански суд за прислушувањето – бараат отштета од по 10 илјади евра
Околу четириесет новинари ја тужат државата, Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за национална безбедност како правен наследник на Управата за безбедност и контраразузнавање и бараат по 10 илјади евра отштета затоа што биле прислушувани со години.
Препорачано
Постапките се водат пред Граѓанскиот суд, откако со политички измени на Кривичниот законик, изгласани во Собранието, застари предметот за масовното прислушување и официјално не беше докажано кој прислушувал од 2008 до 2015 година, кој следел 4.286 телефонски броеви без судски наредби, односно директно или индиректно прислушувал околу 20 илјади граѓани.
Дел од новинарите што беа прислушувани, сведочеа и во Кривичниот суд, а постапките што тие ги водеа за надоместок на штета беа во прекин додека траеше судењето за „Таргет – Тврдина“, но откако застари, сега се во фаза на подготвителни рочишта во Граѓанскиот суд.
Новинарите што тужат, ги застапува канцеларијата на адвокатот Филип Медарски, кој соработува со Здружението на новинарите на Македонија за овој предмет, а последното рочиште по оваа тужба се одржало во понеделникот, на 20 јануари.
– Следното рочиште е закажано на 20.5.2025 година во 10:30 часот. Во меѓувреме, судот побара да извршиме увид во кривичната постапка, со цел прибавување определени информации и појаснување на определени прашања – велат од адвокатската канцеларија на Медарски за „Слободен печат“.
Судот ги известил странките дека откако е запрена кривичната постапка, настапила промена на околностите и на фактите што треба да се испитаат и сега се бара од полномошниците да достават транскрипт за прислушувани разговори за секој што тужи поединечно, за оние што имаат транскрипти да се појасни од каде се прибавени, да се образложи барањето за надоместок на штета, со појаснување кој е причинител на штетата, кое е штетното дејство, кој го презел и на кој начин.
За секој тужен поединечно ќе треба да се разграничи од каде произлегува неговата одговорност и со какви дејства одговара секој поединечно, кој ја поседува опремата, кој го вршел прислушувањето.
Со оглед на тоа што во кривична постапка не се докажа кој прислушувал, штетите што ќе ги бараат прислушуваните, доколку се докажат, ќе се исплаќаат од буџетот. Државата, пак, ја застапува државното правобранителство, кое може да ги спори штетите, бидејќи кривичниот предмет е веќе застарен.
Од Здружението на новинари за „Слободен печат“ велат дека иако застарувањето на предметот за масовното прислушување претставува сериозен удар врз правдата и владеењето на правото, очекувањата се дека судот ќе донесе одлука врз основа на внимателна оценка на доказите и на фактите.
– Сметаме дека не смее да постојат двојни стандарди во контекст на задоволување на правдата, затоа од исклучителна важност е оштетените новинари конечно да добијат правда, и со тоа судот да покаже дека правдата е достапна за сите граѓани, без разлика на околностите, со што ќе се зајакне довербата во правосудниот систем и ќе се прати јасна порака дека кршењето на уставно загарантираните права нема да остане несанкционирано. Прислушувањето новинари претставува сериозно кршење на уставно загарантираните права што го поткопува јавниот интерес и слободата на медиумите. Ние остануваме посветени на искористување на сите правни механизми за заштита на оштетените новинари и за промовирање на правдата во ова исклучително важно прашање – велат од Здружението.
Граѓанскиот суд не може да обезбеди точна бројка колку новинари, политичари и бизнисмени ја тужат државата и бараат отштета за масовното прислушување затоа што се водат како поединечни предмети.
– По однос на прашањето колку лица имаат поднесено тужби до овој суд за надоместок на штета, а што е поврзано со застарување на предметот за масовно прислушкување, ве информираме дека оперативниот систем АКМИС, кој се користи во работењето на судовите, препознава основ „материјална и нематеријална штета“, но не и штета произлезена од масовно прислушкување. За да може судот да ви одговори на ова прашање, потребни се поконкретни податоци, како на пример број на предмет, или тужител и тужен (односно странки во одредена тужба) – велат од Граѓанскиот суд за „Слободен печат“.
Засега во јавноста единствено се знае дека отштета од државата бараат поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, кои биле меѓу најприслушуваните. Јанкулоска беше обвинета во предметот „Таргет-тврдина“, но не за прислушувањето, туку дека со нејзина дозвола била уништена опремата за прислушување. Но, судот ја ослободи, па од обвинета стана жртва како една од прислушуваните.
Со епилогот од овој случај, незаконското прислушување остана без кривична разрешница. Главен обвинет за овој случај беше поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков.