Новинарите на МТВ на тридневна обука за новинарски стории

Обука на новинарите од МТВ/Фото: МИА

Група од над 30 новинари и сниматели од јавниот сервис, од МТВ 1, МТВ2 и од Македонското радио, викендов учествуваа на тридневна обука за кревање на стандардите во известувањето и работењето и во битката против дезинформациите.

Обуката, прва од ваков формат за вработените на јавниот сервис, заеднички ја организираа ИРЕКС со поддршка на УСАИД, Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Македонскиот институт за медиуми и МРТВ.

На работилницата, како што соопшти ЗНМ, биле обработувани актуелни теми од областа на новинарскиот живот, раскажување приказни, креирање „сториборд” и параграф преку секвенци, како да се креираат подкасти, а била обработена и темата за подготовка и развивање на истражувачка сторија. Воедно биле опфатени и специфични теми коишто се однесуваат поконкретно на работата на редакциите во рамки на МРТВ.

– Обучувачите, Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ, уредниците и новинарите Сашка Цветковска, Ана Зафирова и Тоше Огњанов, како и директорот на ЗНМ Драган Секуловски одржаа предавања на неколку теми: медиумскиот пејзаж и улогата на јавниот сервис, медиумите што се менуваат и типови медиумска писменост, за процесот на создавање и ширење на дезинформации, за креирање истражувачки стории, а се правеа и вежби со снимање и креирање видеа во реално време, се вели во соопштението.

Учесниците на обуката новинари, сниматели и уредници се согласиле дека ваков формат на настани се од исклучително значење за јакнење на новинарскиот дух и самостојноста на редакциите и дека и во наредниот период ќе продолжат.

– На тој начин јавниот сервис со поддршка на Здружението на новинари на Македонија, на Македонскиот институт за медиуми и ИРЕКС ќе обезбеди континуитет во процесот на кревање на новинарските и уредувачките стандарди и политики, наведуваат од ЗНМ.

Проектот за медиумска писменост „Младите размислуваат”, во чии рамки се одржа овој настан, е петгодишен проект финансиран од УСАИД и имплементиран од ИРЕКС, Македонскиот институт за медиуми, Институтот за комуникациски студии и Младинскиот образовен форум.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот