Новинар на „Радио Слободна Европа” осуден во Белорусија на шест години затвор

Фото: Stringer / AFP / Profimedia

Новинарот на белорускиот сервис на „Радио Слободна Европа” (РСЕ), Андреј Кузњецик (43) е осуден на шест години затвор под строго обезбедување, поради обвинение дека учествувал во создавање на екстремистичка организација и дека бил дел од неа, јави неговиот медиум.

Кузњечик првпат беше уапсен во ноември 2021 година додека возел велосипед во близина на неговата куќа во Минск и оттогаш е во притвор. Тој доби две административни казни од 10 дена затвор за хулиганство, а на 23 декември минатата година белоруските власти покренаа кривична постапка против него.

Ова се случи на денот кога властите го додадоа РСЕ во нивниот регистар на екстремистички организации. Поради судската забрана за коментирање на случајот, обвиненијата против новинарот беа непознати до крајот на мај 2022 година.

Семејството на новинарот вели дека на регионалниот суд во Могилев вчера му биле доволни само неколку часа да го разгледа случајот пред да ја изрече осудителната пресуда од  шест години затвор.

Џејми Флај, извршен директор на РСЕ, изјави дека Кузњецик е осуден по смешни обвиненија во судењето зад затворени врати, што заврши за неколку часа.

-Значајно е што обвиненијата против него се појавија дури кон крајот на мај, повеќе од шест месеци откако беше првпат уапсен. Бараме итно ослободување на Андреј, рече Флај.

Кузњецик е еден од тројцата новинари на истиот медиумски сервис кои моментално се во затвор во Белорусија. Останатите двајца се Алех Хруџиловиќ и Ихар Лосик.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот