НОВИНА: Волонтери ќе ги водат болните низ лавиринтот на Клинички центар

Петнаесет волонтери ќе помагаат за полесно снаоѓање на пациентите во  клиничкиот кампус „Мајка Тереза“ во Скопје. Проектот се спроведува во соработка со Министерството за здравство и Црвениот Крст на Град Скопје.

Волонтерите се лоцирани на на седум најфреквентни локации во комплексот клиники, во периодот од 8:30 до 12 часот, секој работен ден.

-Истражувањата што ги правевме по клиниките покажаа дека пациентите имаат проблем со снаоѓањето во комплексот. На овој начин ќе им се овозможи полесно да ги најдат одделите, и секако докторите. Ова е само почеток на проект што ќе овозможи побрза реакција кај докторите и медицинскиот персонал во однос на грижата за пациенти. Во интерес на сите е пациентите да добијат брза и квалитетна услуга. Оваа форма на помош функционира и на други клиники во Европа и од тамошната јавност е препознаена како добра практика – изјави министерот за здравство Венко Филипче.

Волонтерите имаат униформа на Црвениот крст за полесно препознавање, а на Клиниките за онкологија, гинекологија, инфективна, кардиологија, за детски болести, хируршки и интерни клиники имаат свои информативни места каде граѓаните може да се обратат за помош.

Подготвени се брошури и флаери на кои има основни информации за нивниот ангажман, но и мапа на која се одбележани сите клиники, кои се наоѓаат во рамки на Клиничкиот центар.

Според Сузана Тунева-Пауновска, секретар на Црвен Крст на Град Скопје, овој проект е показател дека желба за промени има и дека сите заеднички имаме цел да помогнеме таму каде помош е потребна.

-Ангажирани се 15 волонтери кои поминаа претходна обука за основите на првата помош, комуникација и техники за комуницирање, како и психолошка поддршка. Отпечатени се флаери со мапа на која се универзитетските клиники. Реализирани се и теренски посети на клиниките и директен контакт со одговорни лица од Министерството за здравство на Република Северна Македонија и главните сестри на Универзитетските клиники. Веќе се поставени инфо-пултови на неколку клиники, каде сите заинтересирани лица може да се обратат до волонтерите на Црвен крст. Ангажирани се и волонтери од трето доба, тие се мотивирани да им помогнат на сите кои ќе побараат помош од нив. Како Црвен крст ние ги охрабруваме сите постари лица, кои се чувствуваат витални да се приклучат кон овој или слични проекти на Црвениот Крст – изјави Пауновска.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот