Нови театарски форми: Комплексна поетика на „Енциклопедија на мртвите“

Српскиот културно-информативен центар „Спона“ во нова соработка со режисерот Срѓан Јаниќијевиќ ја реализираше претставата „Енциклопедија на мртвите (низ лавиринтите на Данило Киш)“. Станува збор за нова форма на театар произлезена од пандемијата, која повеќе од една година го стопираше репертоарот на театрите ширум државата.

Премиерното прикажување на претставата се одржа на „Јутјуб“ на 25 мај, а нејзината изведба се одвива во живо во услови кои не можат да се контролираат. Збирката „Енциклопедија на мртвите“ од познатиот српски и југословенски писател Данило Киш (1935-1989) содржи тематски раскази за смртта, кои самиот автор ги дефинирал како „раскази за љубовта и смртта“.

Режисерскиот пристап на Јаниќијевиќ е комплексен и со повеќе медиуми (актерска игра, камера, монтажа, звук, музика) трага по поетиката на делото на Киш, притоа ставајќи ги актерите во несекојдневни, на моменти и хорор-ситуации. Во претставата играат Ивица Димитријевиќ, Слаѓана Вујошевиќ, Владимир Петровиќ, Долорес Поповиќ и Жарко Јовановиќ, сите под своите имиња или прекари и со лични приказни. Во епилогот на претставата е вклучен и писателот Александар Прокопиев, одличен познавач на комплетното дело на Киш.

Претставата истовремено е театар, филм, реалити шоу и перформанс во една целина од 100 минути. Драматургијата е на Ивана Нелковска, кореограф е Александра Кочовска Начева, музиката ја избра Срѓан Јаниќијевиќ, дизајнот е на Зоран Кардула, со дрон работи Башким Адеми, а употребен е глас на Горан Путица. „Енциклопедија на мртвите“ е втора соработка помеѓу „Спона“ и Јаниќијевиќ, по претставата „Реалисти“, која до пред пандемијата беше дел од редовниот репертоар на МНТ.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 82, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 29-30 мај 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот