Нови студии: Еве колку ве штити една доза „Фајзер“, а колку една доза „Астра-Зенека“

Вакцинација со „Фајзер“ вакцина / Фото: EPA-EFE/Liam McBurney / POOL

До овој момент, повеќе од 141 милион Американци и над 33 милиони Британци ја примиле првата вакцина против ковид-19 која се администрира во две дози.

Според истражувањето спроведено на 375 000 луѓе во Велика Британија, вакцините од „Фајзер“ и „Астра-Зенека“ обезбедиле 72% заштита од симптоматска инфекција со ковид-19. Студиите наведуваат дека заштитата од една доза на вакцината трае најмалку 10 недели, но дека добивањето втора доза е од големо значење затоа што тогаш заштитата на „Фајзер“ се зголемува на 90%.

Друга теренска студија од Шкотска, објавена во списанието Лансет, покажала дека единечна доза вакцина „Фајзер“ е 91% ефективна против хоспитализација, 28 до 34 дена по вакцинирањето. Единечна доза вакцина „Астра-Зенека“ штити 88% од тешките симптоми што би довеле до прием во болница.

Студија спроведена во Англија покажала дека единечна доза вакцина „Фајзер“ или „Астра-Зенека“ го намалува ширењето на симптоматска инфекција кај членови на едно семејство за 50%.

„Фајзер“ штити најмалку 80% по првата доза

Според документите на Управата за храна и лекови на САД(УХЛ), првата доза на „Фајзер“ била 52,4% ефикасна во заштитата од симптоматска инфекција со ковид-19. Сепак, оваа проценка, исто така, вклучува и период од 11 дена пред почетокот на функционирањето на првата доза, така што вистинската заштита треба да биде поголема и да изнесува помеѓу 29,5% и 84,5%.

Според податоците од клиничките испитувања, првата доза на „Фајзер“ била 100% ефикасна во заштитата од хоспитализација и смрт.

Медицинскиот статистичар Стивен Еванс од Универзитетот во Лондон вели дека, врз основа на целокупната проценка на податоците на УХЛ, постојат „прилично јасни докази“ дека една доза вакцина „Фајзер“ штити најмалку 80%, ако не и 90 %, од симптоматска инфекција со коронавирус.

„Модерна“ – најмалку 80%

Вакцината „Модерна“ била 69,5% ефикасна во спречување на симптоматски коронавирус помеѓу првата и втората доза за време на испитувања врз луѓе, со вистинска вредност помеѓу 43,5% и 84,5%.
Оваа проценка од 69,5% исто така, го вклучува периодот од 13 дена пред да започне да функционира вакцината, така што реалниот процент треба да биде поголем.

Еванс вели дека врз основа на достапните податоци, вакцината на „Модерна“ обезбедува најмалку 80% заштита по првата доза или поверојатно повеќе од 90%, во рок од 28 дена од почетокот на дејството.

„Астра-Зенека“ штити најмалку 70% по првата доза

Според студијата објавена на 19 февруари во Лансет, единечна доза „Астра-Зенека“ била 76% ефикасна, со 90 дена заштита од симптоматски ковид-19. Експертите во студијата наведоа дека единечна доза обезбедува 100% заштита од хоспитализација.

„Џонсон и Џонсон“ – 66%

Вакцината „Џонсон и Џонсон“ започува да штити 14 дена по вакцинирањето и обезбедува 66,1% заштита во следните 28 дена. Ефикасноста на оваа вакцина варира од земја до земја. Во САД оваа вакцина била ефикасна 72%, во Јужна Африка 64% и во Бразил 68%, но треба да се напомене дека во Бразил и Јужна Африка има соеви кои можат да бидат до одреден степен отпорни на антитела формирани по вакцинацијата со оваа вакцина.

Извор: Индекс.хр

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот