Нови препораки за патување во земјите од ЕУ во текот на пандемијата

– Членките на ЕУ денеска се договорија за координиран пристап што ќе го олесни безбедното и слободно движење во земјите на Унијата за време на пандемијата на Ковид-19/ Фото: EPA-EFE/MICOL BRUSAFERRO

Членките на ЕУ денеска се договорија за координиран пристап што ќе го олесни безбедното и слободно движење во земјите на Унијата за време на пандемијата на Ковид-19, а новите препораки ќе стапат во сила на 1 февруари.

Министрите на ЕУ се согласија дека мерките против ширењето на инфекцијата треба да се спроведат земајќи ја предвид здравствената состојба на поединецот, а не епидемиолошката состојба во регионот од кој доаѓа. Исклучок се „темно црвените” области со високо ниво на циркулација на вирусот.

Тоа значи дека клучна одредница за патувањето ќе биде дигиталниот ковид-сертификат на патникот, односно потврдата дека е вакциниран, дека има негативен тест или дека ја прележал болеста.

Патниците со дигитален ковид-сертификат не треба да бидат изложени на дополнителни ограничувања за слободно движење.

– Тоа значително ќе ги поедностави правилата што се применуваат и ќе им обезбеди на патниците дополнителна прецизност и предвидливост, се наведува во соопштението на Советот на ЕУ.

Еврокомесарката за здравство Стела Киријакидес и еврокомесарот за правда Дидие Рејндерс ги повикаа членките да ги применат заедничките правила, нагласувајќи дека прецизноста и предвидливоста за граѓаните на ЕУ се клучни за безбедно патување.

– Блисната координација на ниво на ЕУ е од суштинско значење, не само за функционирањето на единствениот пазар, туку особено за да се обезбеди прецизност и безбедност за луѓето кои патуваат во рамките на ЕУ, се вели во заедничката изјава на двајцата еврокомесари.

Тие додадоа дека досега се издадени повеќе од 1,2 милијарди ковид-сертификати и дека членките на ЕУ денеска потврдија оти поседувањето на тој документ треба да биде доволно за патување за време на пандемијата.

Советот на ЕУ соопшти дека од 1 февруари рокот на важност на потврдата за вакцинација ќе биде ограничен на 270 дена од последната примена доза.

Членките на ЕУ можат да прифатат и вакцини одобрени од националните власти или Светската здравствена организација.

ПЦР тестот не смее да биде постар од 72 часа, а брзиот антигенски тест важи 24 часа. Потврда за закрепнување од болеста може да се добие доколку поминат најмногу 180 дена од првиот позитивен тест.

Од оние кои немаат ковид-сертификат може да се бара да направат тест пред патувањето или најдоцна 24 часа по пристигнувањето.

Препораките на Советот не се правно обврзувачки, така што властите во земјите-членки треба да одлучат за нивното спроведување.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот