Нови преодни правила во ЦЕФТА: Наместо четири, ЕУР1 декларацијата ќе важи 10 месеци

Фото: mia.mk

Пофлексибилни услови за помалку административна бирократија и поголем извоз се најважните придобивки од новите правила

Зголемување на учеството на непреференцијалните материјали во готовите земјоделски производи од 10 на 15 проценти по нето-маса и поставена толеранција од 15 проценти за индустриските производи, без потекло врз основа на поранешна работна цена на финалниот производ, освен за текстилните производи, се дел од новините на новите и поедноставни преодни правила на ЦЕФТА, кои почнаа да важат од 1 февруари.

Она што се очекува дополнително да ја зголеми извозната конкурентност на земјите членки на ЦЕФТА е и податокот дека ЕУР.1 или декларацијата за потекло ќе важи како единствен тип доказ за потекло и нејзината важност е продолжена од четири на 10 месеци. Постојат и опции за договори за примена на системот на регистрирани извозници и договори за употреба на доказ за потекло издаден и/или доставен по електронски пат. Новиот чекор што ЦЕФТА го презема кон олеснување на трговијата се фокусира на намалување на административната бирократија и зголемување на обемот на трговијата.

Примената на преодните правила за преференцијално потекло на стоките, ќе  се спроведува заедно со правилата на Пан-евро-медитеранската (ПЕМ) конвенција. Од Секретаријатот на ЦЕФТА велат дека додека се чека на  ревизијата на ПЕМ конвенцијата, повеќето договорни страни, вклучително и ЦЕФТА, ЕУ и ЕФТА, одлучиле да им дозволат на компаниите да ги користат модернизираните и поедноставените правила за потекло и започнале со примена на преодните правила на билатерална основа.

– Со примена на ревидираните, пофлексибилни и модерни правила, страните ќе можат да ја зголемат својата извозна конкурентност. Преодните правила за потеклото на стоката го поедноставуваат системот, го поедноставуваат определувањето на потеклото на стоките и дополнително ја олеснуваат трговијата во ЦЕФТА и со ЕУ – објасни директорот на Секретаријатот на ЦЕФТА, Емир Џикиќ.

ПЕМ конвенцијата е меѓународен договор што има за цел да воспостави единствен сет правила за потеклото на стоката. Во 2013 година, договорните страни на ПЕМ започнаа дискусија за ревизија на Конвенцијата, со цел да се приспособи на економската реалност. Бидејќи донесувањето на ревидираната конвенција не успеа во 2019 година, повеќето договорни страни одлучија однапред да ги применат ревидираните правила. Во моментов, паралелно ќе се применуваат два групи правила, оригиналните правила за потекло на ПЕМ и преодните правила, а економските оператори ќе можат да избираат помеѓу важечките правила.

Инаку, новите правилата стапија на сила на 1 февруари 2023 година, откако сите членки на ЦЕФТА ги финализираа своите интерни процедури.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот