Нови Пазар ја напушти српската ракометна лига поради навреди на национална и верска основа

Навредлив транспарент на трибините кај што беа навивачите на РК Црвена звезда на дуелот со РК Нови Пазар/Фото: facebook.com/RKNoviPazar/

Управниот одбор на ракометниот клуб Нови Пазар донесе одлука за напуштање на српската АРКУС лига. Ваквата одлука е донесена поради инцидентот на неодамнешниот натпревар помеѓу Црвена звезда и Нови Пазар.

Навивачите на Црвена звезда според информациите пееја навредливи песни и имаа непримерен транспарент на трибините.

– За жал, ставаме точка. На долг рок, тоа е вистинската одлука. Да не прераскажувам сега што се случи. Бидејќи другите не сакаат да го решат проблемот, ние не сакаме да ги ставиме Нови Пазар, Санџак и Бошњаците во непријатна ситуација. Сакаме работите што беа видени во Белград никогаш да не се повторат. Многумина ќе жалат, тоа е историја од 55 години, но ние не сакаме да ги изложуваме луѓето на таква атмосфера.

Го осудивме тој чин и ќе кажам дека во тоа време беа уапсени 25 навивачи на Нови Пазар, од кои 13 беа ослободени, додека 12 беа кривично гонети. Некои беа во затвор шест месеци. Ајде да видиме дали сега ќе биде уапсен некој навивач на Црвена звезда што го навредуваше мојот народ, како и оние што напишаа и внесоа навредлив транспарент – рече Хусеин Мемиќ, член на Управниот одбор на РК Нови Пазар.

Пред три дена од ракометната федерација на Србија објавија соопштение дека најостро ги осудува сите форми на провокација, дискриминација и навреди врз национална, верска и расна основа, не само на ракометни и спортски настани, туку и во сите сфери на општествениот живот.

– Од раководството на АРКУС лигата, на која ѝ е доверено натпреварувањето во Супер А лигата, Ракометната федерација на Србија очекува да достави детален извештај за инцидентот во четвртото коло од АРКУС лигата за натпреварот РК Црвена звезда Грундфос – РК Нови Пазар, одигран на 10 октомври 2021 година, кој се случи во делот на трибината со навивачите на Црвена звезда и да ги преземе сите соодветни мерки во согласност со нормативните акти. Апелираме до сите клубови, спортски работници, тренери и спортисти да застанат на патот на ваквите појави на спортските терени – информираа од федерацијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот