Нови одлуки: Кафулињата и рестораните ќе работат до 23 часот, администрацијата во смени или онлајн

Свеченост по повод 8 Септември - Денот на независноста/ Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Владата на денешната 13-та седница ги разгледа и прифати препораките на Комисијата за заразни болести за ограничување на работно време на сите угостителски објекти до 23 часот, освен оние што вршат испорака, како и за ограничување на капацитетот на патници во возилата на јавниот превоз на 50 отсто од вкупниот број на патници предвидени во едно возило.

Како што соопшти владината Прес-служба, на седницата е прифатена и препораката целата државна и јавна администрација, општините и судовите, согласно принципот на работа и работниот процес, да ја организираат работата во смени или онлајн од дома или пак редуцирано со систем на ротации, зависно од карактеристиките на работниот процес на институциите.

– На оваа седница Владата ја прифати препораката на Комисијата да се одложи атлетската трка „23 Oктомври” во Скопје, како и да остане забраната за присуство на публика на спортските натпревари кои ги организира Ракометната федерација и другите спортски федерации, кои претходно бараа оваа забрана да биде укината, се наведува во соопштението.

Врз основа на мислењето на Комисијата за заразни болести, Владата го одобрила и Протоколот за постапување при полагање на стручен испит за наставници и стручни соработници во тек на пандемијата со ковид-19.

– На денешната седница Владата го утврди Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за градење со кој се предвидува изградба на посебен вид на градби односно модуларни градби за здравствена дејност, чија изградба е финансирана со средства од Буџетот на Република Северна Македонија или со средства од Европската Унија, односно друга меѓународна организација, заради зголемување на ефикасноста на здравствениот систем при справувањето со коронавирусот ковид-19, се наведува во соопштението.

На владината седница е утврден и новиот текст на Предлог-законот за дополнување на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа и согласно член 170 од Деловникот на Собранието, ќе го достави до пратениците на усвојување.

– Овие дополнувања се со цел да обезбедат стабилни приходи и да се олесни работењето на општините во време на ковид-19 за 2021 година, кои се дел од Пакетот 4 на Владата на Северна Македонија, информира владината Прес-служба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот