
Нови научни откритија: Жените живеат подолго и имаат побавно когнитивно стареење
Новите истражувања покажуваат дека „тивкиот“ X-хромозом во женскиот мозок можеби не е толку неактивен како што се мислеше. Студија спроведена врз глувци и луѓе открива дека со текот на годините, одредени гени од инактивираниот X-хромозом можат да се „разбудат“, особено во мозочните клетки клучни за учење и меморија. Ова може да биде една од причините зошто жените генерално живеат подолго и имаат помал когнитивен пад во споредба со мажите, пишува „Саенс алерт“.
Препорачано
„Кај типично стареење, мозокот на жените изгледа помлад, со помалку когнитивни оштетувања во однос на мажите. Ова истражување покажува дека неактивниот X-хромозом кај жените всушност повторно се активира во подоцнежните години, што веројатно помага во забавување на когнитивниот пад“, објаснува неврологот Дена Дубал од Универзитетот во Калифорнија, Сан Франциско.
X-хромозомот содржи околу 5 отсто од човечкиот геном, но неговата улога во процесот на стареење на мозокот не е доволно проучена. Жените имаат два X-хромозоми, по еден од секој родител, но во секоја телесна клетка, еден од нив е неактивен. Сепак, одредени гени на овој инактивиран хромозом можат да ја избегнат оваа инактивација и да останат активни.
Истражувањата покажуваат дека со текот на годините, сè повеќе X-гени стануваат активни, што би можело да има значително влијание врз процесот на стареење на мозокот кај жените.
За да ја тестираат оваа теорија, научниците анализирале клетки од хипокампусот – дел од мозокот одговорен за меморијата, учењето и емоционалната обработка. Тие проучувале женски глувци со различни X-хромозоми и забележале дека кај постарите единки, повеќе гени од инактивираниот X-хромозом стануваат активни.
Научниот тим користел метод на секвенцирање на РНК за да го испита генетскиот израз во 40.000 мозочни клетки. Анализата покажала дека одредени X-гени, кои вообичаено би биле неактивни, стануваат активни во клетките на хипокампусот. Ова особено се однесува на клетки кои играат клучна улога во меморијата и формирањето на нервни врски.
Истражувачите потоа анализирале податоци од човечки мозочни клетки и дошле до слични заклучоци. Кај постарите жени, активноста на специфични X-гени, како PLP1, била зголемена во делови од мозокот поврзани со меморијата. Овој ген произведува протеин кој помага во зачувување на мијелинските обвивки на невроните, што е клучно за побрза и поефикасна размена на информации во мозокот.
Во споредба со мажите, кај постарите жени е забележано значително повисоко ниво на PLP1, што може да биде причина за нивното побавно когнитивно стареење.
Овие откритија можат да имаат големо значење за развојот на нови терапии кои би можеле да го забават стареењето на мозокот и да ги заштитат когнитивните функции, особено кај жени.
„Истражувањето на женската биологија долго време беше запоставено во науката и медицината, но тоа е клучно за подобро разбирање на здравјето на мозокот“, велат научниците кои го спровеле истражувањето.
Оваа студија е објавена во реномираното научно списание „Саенс адвансес“ и отвора нови можности за истражување на биолошките разлики во стареењето кај мажите и жените.