Нови мерки во Црна Гора: Се забранува прослава на Нова година на отворено

Црна Гора ковид
Црна Гора за време на ковид кризата/ Фото: EPA-EFE/BORIS PEJOVIC

Владата на Црна Гора донесе нови мерки во борбата против епидемијата на коронавирус, кои ќе бидат на сила од 15 ноември до 1 декември. Забрането е организирање новогодишни прослави на отворено, концерти и масовни собири, пренесува РТЦГ.

Исто така се забранува организирање свадби, и на отворено и на затворено, како и работа на ноќни клубови. Работното време на угостителските објекти е ограничено до полноќ. Забрането е организирање ученички екскурзии и патувања, приватни прослави и родендени.

Престој во куќи и станови се препорачува само за членовите од исто домаќинство.

Националниот дигитален Ковид сертификат одамна е услов за преминување на државната граница, за престој во угостителски објекти, за присуство на приредби, спортски натпревари…

Министерката за здравство Јелена Боровиниќ Бојовиќ на прес-конференција рече дека Владата се уште ја разгледува можноста од 1 декември да воведе обврска за поседување сертификат за целата јавна администрација – здравство, образование, полиција, војска.

Исто така, од 1 декември, доколку се донесат овие мерки, сертификатот ќе биде неопходен за влез во јавниот превоз, трговски центри, спортски сали, деловни простории и деловни објекти во кои дејноста ја вршат повеќе од три фирми, односно претприемачи и објекти над илјада метри квадратни во кои се врши малопродажба на непрехранбени производи.

„Сите кои починаа во Црна Гора од 1 мај до денеска, а беа под 40 години, беа невакцинирани. Ги замолувам граѓаните да ги почитуваат мерките и да се вакцинираат за да се заштитат од тешки форми на болеста и смртни случаи и ги повикувам сите надлежни служби за контрола на мерките да бидат истрајни во заедничката задача – сузбивање на епидемијата”, рече министерката за здравство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот