Нови мерки, нови бројки, нова граница?

Десет илјади фунти ќе плати оној или онаа или оние (може да си ја делат казната, ако се солидарни) кои ќе бидат фатени како ги прекршуваат мерките за самоизолација. Тука посебно треба да бидат внимателни оние со поинакви навики во врска со почитувањето на правилата што ги објаснуваат како „слободарски дух“.

Една зелка осамено се тркала во гајбата. Полиците со тестенини, пак, речиси испразнети, а залихите со тоалетна хартија подобро и да не зборуваме – имам малку проблеми со стомакот кога ќе покажат луѓе со колички преполни со трислојни, со алое вера, со шеа путер, со „воздушни перничиња“, со мирис на лаванда и камилица и алпски предели (истовремено и нервите да си ги смириме и очите да си ги одмориме!?).

Тоа ли го означи почетокот на вториот бран на пандемијата со ковид-19 во Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска? Тоа, откако претходно беше најавено дека премиерот вечерта ќе ѝ се обрати на нацијата и ќе ни каже дека се воведуваат нови, специјални и построги мерки за спречување на ширењето на заразата.

За бројките

Состојбата е драматична, рече министерот за здравство, кој обнароди дека околу 10.000 луѓе дневно се заразуваат со вирусот. Владата беше критикувана дека не била доволно радикална и дека премногу се обидувала да балансира помеѓу економијата и здравјето на луѓето.  И така, Борис Џонсон минатиот вторник ни кажа да работиме од дома колку што можеме повеќе (а претходно ни велеше да одиме на работа, ако имаме каде да одиме на работа) и им нареди на пабовите и на рестораните да стават клуч на врата до десет часот навечер. Сето ова во проектот да се забави ширењето на вирусот, а ќе трае, вели, најверојатно – шест месеци. Проектот. За вирусот не се толку оптимисти.

А таман луѓето се престрашија од патувањето со јавен превоз, а многумина ги јавнаа точаците или седнаа во своите возила и тргнаа на работа. На 13 септември, веќе 62 отсто се вратија на работните места, а само 20 отсто останаа да работат од дома. Сега, повикот е – да се работи од дома, оној кој може и знае. И кој може да го издржи ова топло-ладно на владата.

Прочитајте и...  Политички земјотрес: Сите да го бираат лидерот!

Британија има највисок број жртви од ковид-19 во Европа, се смета околу 42.000, макар што неофицијално велат дека има повеќе. Последните недели бројот на новозаразени се зголемува, па песимистичките прогнози се дека до средината на октомври ќе се стигне до 50.000…

А кога веќе зборуваме за илјадници, во новите мерки се вбројуваат и новите казни. Десет илјади фунти ќе плати оној или онаа или оние (може да си ја делат казната, ако се солидарни) кои ќе бидат фатени како ги прекршуваат мерките за самоизолација. Тука посебно треба да бидат внимателни оние со поинакви навики во врска со почитувањето на правилата кои ги објаснуваат како „слободарски дух… или како да не, они мене ќе ми кажат, си знам јас… или… е како да не, баш мене ли ќе ме фатат, си знам јас“. Ако мислат да си играат со безбедноста и со животите, не само своите и на најблиските туку и на околината, нека се подготват, нека ја проверат состојбата на банкарската сметка и нека видат каде, како и од кого можат да „се зајмат“.

Десет илјади фунти ќе платат и оние што ќе бидат фатени како се дружат во ресторани, хотели и слични објекти на муабет, скара, свадби, сунети, бар мицви, родендени, разводи (да, да, важно да се има повод), а со истата сума ќе биде казнет и сопственикот на местото на настанот. Како, на пример, 19-годишниот Стјуарт Хок од Вустершир, кој инаку студира на универзитет каде што една година чини 10.000 фунти, па школарината ја „профуцка“ за да плати казна. Се правдаше дека тој на забавата поканил 25 души (тогаш дозволено беше најмногу 30), а му дошле 50 (нападнале падобранци) и работите излегле од контрола, ама попусто. Сега, собиранки може со најмногу шестмина. Свадби со 15. Спортови на затворено со седуммина. Надвор сите со маски. Внатре сите со маски. Казни за неносење – 200 фунти. За почеток.

Прочитајте и...  Политички земјотрес: Сите да го бираат лидерот!

За мерките

Есенва буџет нема да има. Ама ќе има шестмесечен план за поддршка на работните места, вреден повеќе милијарди фунти со кој се предвидува од ноември надоместување на платите на луѓето што работат, односно кои имаат среќа уште да имаат работа, и тоа само на успешни, одржливи работни места. Канцеларот Риши Сунак рече дека им се гарантира на вработените оти ќе задржат околу 8 од секои 10 фунти редовна заработувачка – во повеќето случаи, повеќе од 90 отсто. За туризмот и угостителството намалениот ДДВ останува до март идната година, ќе има заеми за бизнисите, но на 31 октомври завршува исплатата на парите за оние што беа на принуден одмор. За ова, инаку, владата потроши вртоглави 40 милијарди фунти.

Мора да се научиме да живееме со вирусот, рече Риши, и тоа да живееме без страв. Сето тоа фино и убаво, му рече опозицијата откако учтиво го сослуша. Ајде да видиме како сето тоа ќе изгледа во практика. И што е со младите? И со армијата невработени што требаше да се обучат за други работни места?

За границата

Некој спомна брегзит? Епа, како што сега стојат работите, изгледа нешто малку мрднаа. Ама чудно мрдна. Тука се крена голема врева кога владата на чело со Џонсон предложи делови од договорот за брегзит кој Обединетото Кралство го потпиша за излез од Европската Унија, да се променат, односно да не важат. И тука и во Брисел. Па, на што личи една земја со имиџ на потекло на џентлменството да се однесува сега како „дива лига“ и да вели дека „дечки, ние нешто се предомисливме“?! Видете Џонсон и компанија, не може така, му рекоа и од Брисел, и од ЕУ, и од опозицијата и од медиумите, па останува да видиме што ќе се случува и кој прв ќе трепне.

Прочитајте и...  Политички земјотрес: Сите да го бираат лидерот!

И тоа не е сè.  Според „протечениот“ владин документ за организирање меѓуграничен транспорт, договорено било кај Кент, областа кон Довер, пристаништето од кое се одвива најголемиот транспортен и поморски сообраќај на земјата со Европа, да се наредат најмалку 7.000 камиони на враќање од Европа. Границата всушност ќе биде таму. А не во Франција, во Кале, како досега. Камионџиите ќе треба да имаат „Дозвола за Кент“, а специјални камери ќе ги контролираат возилата преку систем за распознавање на регистарски таблички. И нормално, се кренаа на тревога кентјани, кентанки, кентани, добро, жителите на Кент, кои преку нивните претставници почнаа да мрморат… море какво мрморење, почнаа да се бунат, а велат, можни се и порадикални потези. Кој ќе патролира низ границите на Кент за некој камион без пасош да не скршне случајно и да се изгуби во непознат правец? Каде ќе бидат граничните ознаки? Ќе има ли граничари во Кент? Ќе се загади ли животната средина? На што ќе личи сето ова? За ова и за многу други прашања, (можеби) во следната прес-конференција на владата, за која најзаинтересирани секако ќе бидат кент… жителите на Кент.

Поврзани вести

Политички земјотрес: Сите да го бираат лидерот!

Сашо Орданоски

Кога експертите молчат, будалите оро водат!

Сашо Орданоски

Политичкото самоубиство на Српче?

Сашо Орданоски

БАН не го уважува Меѓународниот славистички комитет

Коста Пеев

Јуриш кон сонцето преку Вичо и Грамос

Александар Литовски

На што нѐ учи падот на грчката „Златна зора“?

Ненад Јовановиќ

Остави Коментар