Нови мерачи, построги закони, но и граѓаните да не фрлаат и палат ѓубре

Зголемување на бројот на мерните станици, нивното точно и прецизно функционирање, донесувањето на шест нови закони за управување со отпад кои ќе обезбедат примарна селекција на различните видови на отпад, носење на нов закон за квалитет на воздухот, како и засилување на капацитетите на инспекциските служби за контрола на тоа што и на каков начин се согорува се дел од приоритетите во работата кој старо-новиот министер за животна средина Насер Нуредини ги соопшти на денешната прес-конференција за борба против аерозагадувањето и отпадот.

Нуредини најави скорешна инсталација на мерна станица за мерење на штетни честички во воздухот во Гевгелија како и продолжување на програмата на Владата за зголемување на енергетската ефикасност на објектите и замена на нееколошките начини за загревање на државните институции до 2024 година.

„Сепак треба да им се пренесе пораката и на граѓаните дека нелегалното фрлање на отпад и неговото палење се кривични дела, а на надлежните органи да ги гонат и казнуваат во склад со законите“, рече Нуредини и потсети на поврзаноста на аерозагадувањето и последиците од Ковид 19.

Тој најави и дека со законските измени централната власт ќе може, доколку локалните власти не постапуваат соодветно во случаите на загадување на воздухот, самата да превземе соодветни мерки.

Министерот го наведе примерот со локалната самоуправа во Гостивар, која не го донесла инфраструктурниот план со кој Владата веднаш би почнала со ревитализација на депонијата Русино, која е горлив еколошки и комунален проблен за жителите на Гостивар и на околината. . Не е точно дека сме и ги одзеле ингеренциите во сферата на управување со отпадот на Општина Гостивар, нагласи Нуредини, во одговор на тврдењето на градоначалникот Таравари дека на локалната самоуправа и биле одземени ингеренциите за да се справи со овој проблем.

„Русино е транзициско решение, само за наредните 10 години. Швајцарската Влада ни понуди 1,9 милиони швајцарски франци помош за уредување на регионалната депонија Русино, планот е ревидиран со најнови податоци и сметам дека е извонреден бидејќи ќе овозможи да се направи патот до депонијата Русино, да се постават станици за мерење на отпадот, да се изгради систем за зафаќање на исцедокот, кој се га се излева и загадува, како и административна зграда. Ако успешно ги искористиме овие пари, швајцарската Влада вети натамошни шест до седуми милиони франци за натамошен развој на системот за управување со отпад во полошката котлина“, рече Нуредини и нагласи дека ја разбира загриженоста на граѓаните на Гостивар, но дека општината мора да работи според своите ингеренции за да почне решавањето на проблемот.

Нуредини на прес-конференцијата потсети дека преку пари од ИПА фондот во износ од 36 милиони евра се привршува со реализацијата на планот за управување со отпад со североисточниот плански регион и ќе биде отворена тамошната депонија. Сѐ уште не е дефинирано дали ќе се прават депонии во секој од останатите региони или ќе се формираат две поголеми, но побарав од Владата да земе заеми за да го реши овој проблем, изјави министерот Нуредини.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот