
Нови израелски напади врз Газа по крвопролевање, 13 загинати
Цивилната одбрана на Појасот Газа утринава соопшти дека загинале 13 лица во новите израелски напади што се случија во палестинската енклава во текот на ноќта.
Препорачано
Израел „покрена неколку воздушни напади (…) во кои загинаа 13 лица и беа повредени десетици, вклучително жени и деца, во Кан Јунис и градот Газа“, рече Махмуд Басал, портпарол на Цивилната заштита.
Палестинското исламистичко движење Хамас во вторникот вечерта повика да се изврши „притисок“ врз Соединетите Држави, главниот сојузник на Израел, за да се запрат израелските воздушни напади врз Појасот Газа, за кои владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху тврди дека имаат за цел да ги принудат нејзините борци да ги ослободат заложниците што ги држат.
„Ги повикуваме пријателските земји кои ја поддржуваат праведната палестинска кауза да извршат притисок врз американската влада да стави крај на овој напад и оваа геноцидна војна против беспомошните цивили“, се вели во соопштението на палестинското исламистичко движење, кое, по смртоносните воздушни напади , избра да се воздржи од каква било воена одмазда.
Хамас „не ја затвори вратата за преговори“, изјави денеска за АФП висок функционер на Хамас, Тахер ал-Нуну, по масовните, смртоносни бомбардирања што Израел ги изврши вчера во Појасот Газа и заканите на израелската влада за ескалација.
„Хамас не ја затвори вратата за преговори, но ние инсистираме дека нема потреба од нови договори“, изјави Ал Нуну во телефонски разговор од Каиро.
„Ние не поставуваме услови, но бараме [Израел] да биде принуден веднаш да ги прекине [непријателството] и да ја започне втората фаза од преговорите“ предвидена во договорот за прекин на огнот што стапи на сила на 19 јануари, додаде тој.