Нови детали за мистеријата на летот ЈАТ 367: Падoт на авионот, стјуардесата која преживеа и хрватските терористи

Летот ЈАТ 367 влезе во историјата како една од најинтригантните авионски несреќи, која изнедри неверојатна приказна за преживување, но и мрачна позадина на терористички акт кој остана нерешен со децении. Документарниот филм „Бомба на летот ЈАТ 367“ (Bomba na letu JAT 367 ) открива нови детали за трагичниот настан што го шокираше светот во 1972 година, пишува Net.hr.

Кобниот лет кој требаше да ги поврзе Скандинавија и Балканот

Југословенскиот аеротранспорт (ЈАТ) одржуваше редовна линија меѓу Стокхолм и Белград, со попатни станици во Копенхаген и Загреб. На 26 јануари 1972 година, „McDonnell Douglas DC-9“ полета на својата последна рута. Никој не ни насетувал дека летот ќе заврши трагично над чешкото село Србска Каменице.

Весна Вуловиќ – жената која го преживеа невозможното

Profimedia

На тој лет не требало да биде Весна Вуловиќ, тогаш 23-годишна стјуардеса. Поради забуна со друг лет со слично име, таа се нашла во авионот кој засекогаш ќе ѝ го промени животот. Оваа коинциденција доведе до најневеројатното преживување во историјата на воздухопловството.

Пад од 10.000 метри

Кога експлозијата го разнела авионот на височина од приближно 10.000 метри, Весна била врзана за сервисната количка во задниот дел на авионот. Токму таа околност, заедно со длабокиот снег што го ублажил падот, ѝ овозможила да го преживее падот со кој влезе во Гинисовата книга на рекорди како преживеан слободен пад од најголема височина без падобран.

Разоткривање на мистериите по 50 години

Неодамнешниот документарен филм „Бомба на летот ЈАТ 367“ на шведскиот новинар Тончи Перцан конечно ја расветли долгогодишната мистерија. Во документарецот се откриваат нови детали за трагичниот настан кој го шокираше светот во 1972 година. Истражувајќи ја политичката заднина и мотивите на нападот, филмот донесува запрепастувачко откритие дека бомбата во авионот ја поставиле членови на две екстремистички организации на хрватски емигранти.

Овие сознанија ѝ даваат нова димензија на трагедијата, откривајќи ги сложените политички мотиви зад овој чин на тероризам.

Преку сведоштвата на преживеаните, експертите и семејствата на жртвите, документарецот ја истражува не само самата експлозија, туку и нејзините долгорочни последици, како врз жртвите, така и врз воздухопловната индустрија и меѓународните односи од тоа време.

Позадината на терористичкиот акт

Според документарецот, Јосип Сениќ бил идентификуван како лицето кое ја поставило темпираната бомба во авионот. Тој заедно со уште шестмина соучесници го извршил нападот кој однесе 27 животи. УДБА, југословенската тајна служба, ги знаела идентитетите на сторителите, но не ги гонела за да ги заштити своите агенти.

Последици

Весна Вуловиќ преживеала со сериозни повреди, вклучувајќи фрактура на черепот, ‘рбетот и карлицата. По 27 дена кома и 10 месеци парализа, таа успеала да се опорави и да се врати на работа во ЈАТ. Таа почина во 2016 година на 66-годишна возраст.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот