Новата зграда на ЕСМ ќе остари додека добие употребна дозвола

Веста дека државната компанија Електростопанство на Северна Македонија (ЕСМ) веќе добила аванс од Владата од 1.000.000 евра за продажба на административната зграда на скопскиот плоштад, пред ГТЦ, го актуализира прашањето кога ова државно претпријатие ќе се сели во новата зграда, која почнала да се гради уште во 2013 години, а која никако да ја добие употребната дозвола со оглед на скандалите што ја следат целата градба, многубројни анекси на договори, утврдени недостатоци, исправани „утки“.

Новата зграда е лоцирана на улица Македонија, спроти Музејот на Град Скопје, а според договорот требаше да биде готова и предадена за употреба во октомври 2014 година.

Иако веќе примиле аванс од Владата за продажба на старата зграда, ни од ЕСМ не знаат кога ќе се селат.

– Објектот сѐ уште не е ставен во употреба, иако е целосно завршен и ентериерно опремен, од причини што зградата нема добиено употребна дозвола. Ситуацијата е затекната како проблем уште при промената на власта во 2017 година, а до тоа е дојдено поради необезбедување дозволи за измени во тек на градба во текот на годините додека објектот се градел. Во моментот АД ЕСМ, Министерството за транспорт и врски и другите надлежни субјекти се во фаза на изнаоѓање решение за ставање во употреба на новата зграда – велат од ЕСМ.

ЕСМ ја градело оваа зграда со сопствени средства. Според информациите во јавноста, зградата првично требало да чини 9,8 милиони евра, а потоа цената стигнала до 15 милиони евра, односно повеќе од 50 отсто од предвиденото. Проектот е на архитектите Лазар Димов, Жарко Чаушевски, Стефан Смилевски и на архитектонското студио „Неимар инженеринг“. Првично, тендерот за градење го добил и почнал со градба австрискиот конзорциум  „Страбаг“, кој беше ангажиран на повеќе згради од проектот „Скопје 2014“, како и на други инфраструктурни проекти и кој во светот на градежништвото важи за успешна компанија. Но, во 2015 година имаше и тендер за довршување на новата зградат на ЕСМ, а победи „Озон“ ДООЕЛ увоз-извоз Скопје.

Во 2013 година, кога почна да се гради зградата, генерален директор на ЕСМ (тогашно ЕЛЕМ) бил Дејан Бошковски. Тој на крајот од 2019 година, врз основа на прислушувани разговори, заедно со уште двајца вработени доби затворска казна од 3 години за злоупотреба на 4,5 милиони евра во случајот „Тарифа“ каде што беа судени за злоупотреба на службената положба, со што му овозможиле на конзорциумот „Нераст“ да изврши јавна набавка на софтверски систем со нецелосна документација, а потоа направиле и други трошоци за него. Од директорското место во ЕСМ, Бошковски бил разрешен во септември 2016 година, а на негово место бил поставен Христијан Мицкоски, сегашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ. 

Во август 2017 година на чело на ЕСМ дојде Драган Миновски, а тој беше дел од „метлата“ на премиерот Зоран Заев, откако од опозициската ВМРО-ДПМНЕ беше обвинет за партиски вработувања во компанијата, односно дека таму се вработиле братот и синот на пратеничката на СДСМ, Мира Стојчевска, ќерката на претседателот на Собранието, Талат Џафери, како и дедото на генералниот секретар на СДСМ, Александар Кирацовски. По неговото разрешување во јуни 2019, на челната позиција на оваа компанија дојде Васко Ковачевски, кој е и актуелен директор на компанијата.

Се поплавува третиот подземен кат

Во времето на директорувањето на Драган Миновски, ЕСМ (тогашно ЕЛЕМ) во 2018 година ги отвори вратите за новинарите на новата зграда на ЕСМ. Уште тогаш, компанијата се пожали дека не може да ја добие употребната дозвола.

На средбата со новинарите беше објаснето дека трите подземни нивоа се паркинг-простор, но дека тој не може да се користи оти нема пристап. Со првичниот проект било предвидено да се пробива улица која ќе минува меѓу зградите кај Градски ѕид, но новото раководство се откажало од идејата за улица за да не се сече зеленилото. Тогаш беше потенцирано и дека има проблеми со поплави, односно дека третото подземно ниво постојано се поплавува од подземните води.

Новинарите можеа да ги видат и просториите наменети за генералниот директор. Покрај канцеларија, има сала за состаноци, тоалет со туш-кабина, соба за релаксација и соба со звучна изолација за доверливи разговори.

Владата дала аванс за старата зграда, не знае ни колку ќе чини ни зошто ѝ е

Владата ја почнала постапката за купување на висококатницата на ЕСМ која се наоѓа на плоштадот во Скопје, дала аванс, но не знае колку ќе ја чини целиот објект.

– Започната е постапка за формално-правна промена на сопственоста на државен имот – управната зграда на ул. 11 Октомври бр. 9 – на плоштадот Македонија во сопственост на АД Електрани на Северна Македонија и негово префрлање на Владата на Република Северна Македонија, која е основач и единствен сопственик на АД ЕСМ. За предметната намена, Владата на Република Северна Македонија на крајот на 2020 година му исплати на АД ЕСМ 1.000.000 евра на име аванс. Останатите средства ќе бидат исплатени по сметководствена, односно книговодствена вредност на денот на склучување на договорот и официјалната проценка на вредноста на објектот – велат од Владата за „Слободен печат“.

Од Владата не откриваат ниту зошто ја купуваат зградата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот