Новата уметничка програма на НЛБ Групација ќе го поврзе регионот преку уметноста

Уметничката програма на НЛБ Групација беше претставена на прес-конференција во Љубљана

Почетокот на новата уметничка програма на НЛБ Групацијата за визуелни уметности беше означен со прес-конференција, што се одржа на 25 јануари во Љубљана, а беа поканети онлајн да ја проследат медиуми од целиот регион.

Целта на новата уметничка програма е НЛБ Групацијата да стане главен поддржувач и партнер на современата уметност и на уметниците во Југоисточна Европа (ЈИЕ), во својот матичен регион. Како дел од оваа уметничка програма, Групацијата ќе продолжи да инвестира во аквизиција на уметнички дела и уметнички проекти и ќе креира нова уметничка колекција наречена „SEE Art“ (Уметноста на ЈИЕ), која ќе најде свое место во галеријата на НЛБ Групацијата во Љубљана.

Визијата и идеите на НЛБ Групацијата за поддршка на визуелните уметности во регионот на ЈИЕ ги презентираа извршниот директор на НЛБ, Блаж Бродњак, директорката на Институтот за културно наследство на НЛБ, Ирена Чук, кураторот д-р Мета Кордиш, како и членовите на новоформираниот Уметнички совет на НЛБ, д-р Мира Гаќина (Скопје), Маја Колариќ (Белград) и Тевж Логар (Риека).

Извршниот директор Блаж Бродњак на конференцијата истакна дека е убеден дека не постои суверена нација без сопствен културен идентитет и финансиски столб, а НЛБ, како носител на банкарската традиција, отсекогаш била главен покровител на развојот на уметноста и културата.

Блаж Бродњак, извршен директор на НЛБ

Со програмата „Art“ и колекцијата на „SEE Art“, НЛБ Групaцијата повторно ја воведува благородната традиција на покровителство, ќе ја распространи во рамките на својот матичен регион на Југоисточна Европа и ќе воведе нова ера.

Директорката на Институтот за културно наследство на НЛБ Ирена Чук истакна дека претстојната уметничка колекција не е првиот споменик на културата создаден благодарение на покровителската традицијата која ја негува НЛБ. Во оваа насока таа го истакна и банкарскиот музеј „Банкариум“, кој работи со поддршка на НЛБ.

Кураторот Мета Кордиш истакна: „Со купување и презентирање на современата уметност од Југоисточна Европа, НЛБ Групацијата се стреми да стане главен поддржувач и партнер на уметниците во регионот. Со поставување на колекцијата ’SEE Art‘, галеријата и развивањето на придружната програма фокусирана на поширокиот регион, ќе ги збогатиме банкарските простории, како и јавниот простор за локалните заедници и ќе придонесеме за подобрување на постојната уметничка продукција и инфраструктурни услови во регионот, а ќе ги отвориме вратите за уметноста да влезе во секојдневниот живот на луѓето што живеат и работат во овој регион“.

Со цел да се обезбеди професионален, квалитетен и транспарентен пристап, формирано е професионално тело „НЛБ Уметнички совет“, чии членови се меѓународно признати експерти за уметничка продукција во Југоисточна Европа: Тевж Логар (Риека), претседател на Советот и независен кустос, Мира Гаќина (Скопје), историчар на уметност, уметнички критичар, виш кустос и директор на Музејот на современа уметност во Скопје, и Маја Колариќ (Белград), историчар, кустос и директор на Музејот на современа уметност во Белград. Тие заедно го осмислија името на колекцијата, нејзиниот концепт и програмата.

Мира Гаќина истакна дека не е првпат Љубљана да има влијание врз развојот на визуелните уметности во регионот. „Така беше со децении во минатото преку Љубљанското биенале на графички уметности, но и во поново време преку работата на многубројни теоретичари на уметноста, историчари и куратори кои ја преиспитаа и осмислуваа историјата на уметноста на нашите простори. Времето во кое живееме има многу внимателни и љубопитни набљудувачи, т.е. уметници од регионот. Така, колекционерството на нивните дела значи создавање документ на нашето време. Ние обично ги гледаме банките како чувари на вредните нешта, на нашите заштеди и плановите за подобра иднина. Токму поради оваа причина, иницијативата за создавање колекција треба да се гледа како напор на еден ’чувар на вредностите‘ кој покажува посебна грижа за она што ние го сметаме за наше вредно наследство“, рече Гаќина.

Според Маја Колариќ, колекцијата ќе вклучува уметнички дела од уметници од целиот регион, од сите генерации, вклучително и на оние во подем. „Ќе биде разновидна во обидот да ги покрие сите медиуми, од слики, скулптури, видео, инсталации, перформанси, до дигитални медиуми и нова технологија, поттикнувајќи секакви иновации во уметноста кои ги кршат конвенциите и ги предизвикуваат границите“.

Тевж Логар заклучи: „Сегментот од изложбената програма на галеријата ’Банкариум‘ е она што го прави нашиот проект да се издвојува во споредба со други слични, корпоративни проекти кои се занимаваат со регионот на ЈИЕ. Изложбената активност во дијалог со истражувањата, издаваштвото, номадските резиденции, институционалните соработки и слично не само што одат подалеку од разбирањето на колекцијата како апстрактен ентитет кој се состои од збирка артефакти, туку делува и како платформа за подигање на јавното знаење и подобрување на условите за продукција“.

Целта на проектот „SEE Art“ е да се подобри разбирањето и знаењето за различните културни средини на Југоисточна Европа, а со тоа да се промовира толеранцијата и различноста, но во исто време да произлезат и нови одржливи идеи и акции со различни изрази на современата уметност.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 164, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 28-29 јануари 2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот