Новата сезона на Филхармонија почнува со концертот „Данте 700“ со виртуозот на пијано Симон Трпчески

Новата концертна сезона на Филхармонија на РСМ ќе биде отворена на 7 октомври, во 20 часот, со концертот со наслов „Данте 700“. Диригент на концертот ќе биде маестро Габриел Бебешелеа од Романија, додека како солист ќе настапи македонскиот виртуоз на пијаното Симон Трпчески. На програмата се делата Пијано концерт бр. 2 и „Данте симфонија“ од Франц Лист, а заедно со филхармонијата ќе настапи и хорот „ПроАрс“.

Мото на новата сезона е „Филхармонија во движење“, а програмата беше најавена на прес-конференција на која се обратија Тина Иванова, директорка на НУ Филхармонија, шеф-диригентот Габриел Бебешелеа и пијанистот Симон Трпчески.

– Со ново мото ја започнуваме оваа концертна сезона – „Филхармонија во движење“, кое алудира на фактот дека во екот на најголемата пандемија нашата институција не ги затвори портите за својата публика, туку продолжи да се „движи“ и да ја реализира својата програма – истакна Тина Иванова, в.д. директорка на Филхаромонија.

На програмата на концертот со кој се отвора сезоната се две дела од Франц Лист, диригент е Габриел Бебешелеа, а како солист ќе настапи исклучителниот македонски пијанист Симон Трпчески.

– Среќен сум што сум повторно тука, што се враќам со ваков исклучителен концерт со кој ја затвораме концертната серија која ја започнавме минатата година, која му е посветена на исклучителниот италијански писател Данте Алигиери и неговата „Божествена комедија“. Тоа што заедно на сцена сум со мојот долгогодишен пријател Симон Трпчески е, исто така, важно за мене. Досега сме настапувале насекаде низ светот, но ова ни е прв заеднички настап во Македонија. Моите концерти оваа сезона во Филхармонија се на некаков начин врзани со времето, како тоа се отсликува на позитивен и на негативен начин. Таков ќе биде и проектот насловен „Време“, со кој ќе ја затвориме оваа концертна сезона – рече маестро Габриел Бебешелеа, шеф-диригент на Филхармонија.

Солистот Симон Трпчески изјави дека е пресреќен што ќе настапи заедно со маестро Бебешелеа и со оркестарот на Филхармонија.

– Овој концерт се реализира на покана на Габриел, со кој досега сме имале повеќе заеднички настапи во различни делови на светот, но ова ни е прв во Македонија. Станува збор за голем професионалец, музичар, кој ќе понуди многу свежина во програмскиот концепт на Филхармонија. Програмата на концертот „Данте“ е целосно изградена на опусот на Лист, неговиот Концерт бр. 2 е исклучителен како и целокупниот негов опус, има многу иновации во формата и во начинот на кој го претставува пијаното – рече Трпчески.

Во новата концертна сезона ќе настапат исклучителни солисти, како Тимоти Рајдаут (виола, Англија), Јеил Еум Сон (пијано, Ј. Кореја), Марија Солозлобова (виолина, Русија), Андреи Коробејников (пијано, Русија), Елишија Силверштајн (виолина, САД), Сајака Соџи (виолина, Јапонија), кваретот „Баланеску“… Со оркестарот ќе диригираат Паскал Галоа, Емил Табаков, Конрад ван Алфен, Урош Лајовиц, Михал Нестерович и др. Освен солистите кои доаѓаат од различни краишта на светот, ќе настапат и домашни уметници – Анна Кондратенко, Ева Богоевска, Маја Чанаќевиќ, Паскал Краповски.

На програмата, освен „железните“ класици на симфонизмот, се и дела од модерни и современи автори кои за првпат ќе прозвучат кај нас – како антологиското дело „Музика за 18 музичари“ од американскиот композитор Стив Рајх, кое премиерно ќе биде изведено на 14 октомври.

Главни спонзори на концертната сезона „Филхармонија во движење“ се НЛБ Банка и Мастеркард, со кои институцијата има повеќегодишен договор за соработка кој ќе овозможи подигнување на квалитетот на музичката програма.

Наскоро ќе биде промовирана и новата веб-страница на Филхармонија со модерен и автентичен дизајн, богата со различни содржини врзани со работата на институцијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот