Новата сезона на Филхармонија ќе се одвива со мото „Дамар на слободата“

Прес-конференција за новата сезона на Филхармонија

Со концертот насловен „Зорнина“ на 6 октомври се отвора новата концертна сезона на Филхармонија со мото „Дамар на слободата“, а на отворањето ќе настапат врвните пијанисти Алексеј Володин и Едит Пења, додека диригент е маестро Гудни А. Емилсон од Исланд.

Три клавирски концерти и увертирата од операта „Свадбата на Фигаро“ од генијалниот Волфганг Амадеус Моцарт се на програмата со која на 6 октомври ќе биде отворена новата сезона 2022/2023 на Филхармонија.

Потоа ќе следува концертот насловен „Далга“, кој ќе биде изведен во Скопје на 12 октомври, а оркестарот на Филхармонија ќе гостува и во Белград на 16 октомври. Диригент на тој концерт е маестро Габриел Бебешелеа, а како солист ќе настапи Рафаел Агире на гитара од Шпанија. На програмата се дела од Петровски, Родриго и Чајковски.

– Секоја концертна сезона има ново име. Оваа музичка сезона ја насловивме „Дамар на слободата“, а инспирација ни беше последниот концерт во претходната сезона, кој беше насловен „Слобода“. Насловот произлезе од слободата што ја донесе своевидното излегување од пандемијата, но и како слобода во музиката, изразот, живеењето. Во новата сезона ќе нè води дамарот, односно „пулсот“ на слободата. Насловите на концертите се инспирирани од архаични зборови во македонскиот јазик, со што сакаме да дадеме акцент на некои заборавени зборови од богатата ризница на нашиот јазик – рече Тина Иванова, директорка на Филхармонијата, на прес-конференција на која беше најавена новата сезона.

До крајот на сезоната публиката ќе има можност да проследи низа интересни концерти со возбудливи солисти и диригенти и да чуе деликатно избрана програма. До крајот на годината со оркестарот на Филхармонија ќе настапат диригентите Кондрад ван Алфен, Емил Табаков, Борјан Цанев, Виктор Митревски, а како солисти ќе настапат и голем број македонски солисти – виолинистите Владимир Костов и Даниел Лазаревски, чембалистката Цветанка Созовска, тенорот Благој Нацоски…

Насловите на концертите се извлечени од богатата ризница на архаизми во македонскиот јазик – „Вида“, „Азно“, „Меѓа“, „Далга“…

Во рамките на програмата до крајот на оваа година е и концертот за деца „Магичен глас“, како и концертот „Омаж за маестро Александар Џамбазов“, кој ќе се реализира во програмата на фестивалот „Денови на македонска музика“.

Филхармонија за првпат по подолго време ќе соработува и со НОБ, со чии ансамбли заедно ќе го изведат Вердиевиот „Реквием“ на „Мајските оперски вечери“, како и музиката на Збињев Прајснер од филмот „Три бои: Сино“ на режисерот Кшиштоф Кишловски.

На отворањето на новата концертна сезона „Дамар на слободата“ ќе биде промовирано и новото цеде „Филхармонија во срцето“, кое го издаде „Con:tempo“ во соработка со Филхармонија на РСМ.

Во соработка со Кинотеката на 5 октомври ќе се прикаже антологиското кинематографско дело на режисерот Милош Форман – филмот „Амадеус“, посветен на генијалниот композитор Волфганг Амадеус Моцарт.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 148, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 1-2 октомври 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот