Новата кандидатка им го крева рејтингот на демократите: Харис се држи на чекор пред Трамп

Тим Волц и Камала Харис на митинг во Детроит - Фотографија ЕПА, Дио-Нало Чери

Ако изборите се одржат сега, Харис би освоила 42 отсто од гласовите, а Трамп 37 отсто и веројатно би била избрана за претседател, бидејќи води со 42 наспроти 40 отсто во седумте „превртливи“ сојузни држави, што се покажаа како клучни за победникот во 2020 година

Камала Харис не само што го задржа повисокиот рејтинг во однос на Доналд Трамп, туку и ја зголемува предноста, што говори дека промената на претседателскиот кандидат на демократите има подлабоки ефекти од очекуваните.

Новата анкета на Ипсос покажува дека ако изборите се одржат сега, а не во ноември, Харис би освоила 42 отсто од гласовите, а Трамп 37 отсто. Ова е рекордна разлика во полза на демократскиот кандидат, која актуелниот претседател Џо Бајден никогаш не ја направи додека беше во трката за нов мандат. Разликата воедно е и повисока од прагот на можна грешка на анкетата од три отсто.

Анкетата спроведена од Ипсос и Ројтерс на 22 и 23 јули, веднаш по промената на кандидатот на демократите, покажуваше дека Харис има предност од 37 наспроти 34 отсто. Републиканците тогаш тврдеа дека предноста од 3 отсто не е реална, туку е последица на зголемениот интерес за превирањата во врвот на демократите. Новата анкета била спроведена од 2 до 7 август меѓу 2.045 гласачи.

Како што се приближува денот на изборите, така се намалува поддршката за третиот кандидат, Роберт Кенеди Јуниор. Независниот кандидат со стабилен рејтинг од околу 8 отсто во јули достигна 10 отсто, но сега за него би гласале едвај 4 отсто од испитаниците.

Харис води во неизвесните држави

Ако изборите се одржат сега, Харис веројатно би била избрана за претседател, бидејќи води со 42 наспроти 40 отсто во однос на Трамп во седумте „превртливи“ сојузни држави, што се покажаа како клучни за победникот во 2020 година – во Аризона, Висконсин, Мичиген, Невада, Пенсилванија, Северна Каролина и Џорџија. Ипсос не го објави односот на Харис и Трамп во секоја држава посебно.
Стратезите на републиканците веќе го преиспитуваат пристапот во сојузните држави што ги сметаат за клучни. Републиканците се надеваа на победи во Минесота и во Вирџинија, сојузни држави што вообичаено се определуваат за демократи, но сега се принудени да ја бранат својата позиција во традиционално неизвесните држави како Пенсилванија и Џорџија.

– Трката повеќе не е иста. Многумина од нас сакаа натпревар со Џо Бајден. Се чувствувавме во добра кондиција – изјави за Ројтерс Кори Левандовски, долгогодишен советник на поранешниот претседател Трамп.

Левандовски, сепак, тврди дека Трамп сѐ уште е во блага предност.

Демократите масовно ја поддржаа Харис – Фотографија ЕПА, Дио-Нало Чери

Советниците на Трамп јавно тврдат дека „нема голема разлика помеѓу Бајден и Харис“ и дека фокусот е да се критикува либералноста на новата кандидатка. Но, Ројтерс пренесува ставови на девет извори меѓу републиканците дека Харис е „многу потежок противник од Бајден“.

– Јасно им е на сите дека таа може и да победи – рекол анонимен член на предизборниот штаб на Трамп.

Како главен проблем за Трамп е тоа што повеќе не може да биде претставуван како повитален и подинамичен од својот противник. Доказ за енергичноста на Харис е тоа што ги анимираше колебливите демократски гласачи, а особено тоа што собра донации од стотици милиони долари за само неколку дена.

Трамп бара дуели на „свој терен“

Републиканците, сепак, не креваат паника и убедени се дека нивниот кандидат е пред победа.

– Тимот на Трамп има реклами во сите сојузни држави што се традиционално бојно поле, а со активисти на теренот ја проширивме политичката мапа со традиционалните „сини држави“ како Минесота или Вирџинија – изјави Ана Кели, претставничка на Републиканската партија.

Трамп лично чувствува дека може подобро да се претстави пред јавноста во дуел со Харис, како што остави многу подобар впечаток при дуелот со Бајден на 27 јуни на телевизијата „Си-ен-ен“. Првиот директен телевизиски дуел на новите противници е закажан за 10 септември на телевизијата „Еј-би-си“, но Трамп побара уште најмалку две соочувања, на 4 и на 25 септември, на телевизиите „Фокс њуз“ и „Ен-би-си“.

Харис изјави дека е спремна на повеќе од едно соочување со Трамп, но нејзиниот штаб ја отфрла можноста кандидатката да се појави на „Фокс њуз“.

Трамп е поактивен од Харис на социјалните мрежи и многу почесто се појавува на телевизиите со интервјуа и одговори на прашања, но само на каналите што ги смета за блиски, пред сѐ на „Фокс“. Харис претпочита да одговара на прашања од новинари по јавни настапи и средби со граѓани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот