Новата цена на струјата ќе се формира во петок, но не се очекува зголемување

струја

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски сметаат дека нема да има зголемување на цената на струјата.

Откако денеска во Охрид го презентираа новиот Закон за енергетика, тие појаснија дека по отварањето на понудите на тендерот распишан од универзалниот снабдувач со електрична енергија, новоформираната компанија „ЕВН хоум“ и направените пресметки со други параметри опфатени во процесот, цената за струјата ќе биде формирана во петок.

– Согласно процедурите што постојат има правила за набавка на електрична енергија што треба да ги применува универзалниот снабдувач. Денеска трае аукцијата на која ЕЛЕМ е обврзан да понуди најмалку 80 отсто од потребите на универзалниот снабдувач, односно на домаќинствата и малите потрошувачи, појасни Бислимоски.

Најголемо влијание врз формирањето на крајната цена, додаде, ќе има денешната понуда на ЕЛЕМ.

– Имајќи во предвид дека РКЕ повеќе не ја определува цената на ЕЛЕМ, а влијанието врз крајната цена од тоа што денеска ќе го понуди ЕЛЕМ е најголемо, изнесува 50 проценти, во петок ќе се знае цената на електрична енергија. Но пред се, да видиме денеска како ќе заврши аукцијата која ја организира новиот универзален снабдувач. Состојбата во ЕЛЕМ е одлична имаме и драстично намалување на трошоците во рудниците и не верувам дека цената ќе биде над 39,6 евра за мегават час. Влијание на цената ќе има и трошокот за откуп кој го има универзалниот снабдувач од повластени производители на електрична енергија, истакна Бислимоски.

Говорејќи за придобивките од новиот Закон за енергетика, кој ќе почне да се применува од 1 јули годинава, вицепремиерот Анѓушев нагласи дека последните две години цената на струјата е стабилна и оти со воведувањето на ефтината тарифа во првата година осум, а оваа 11 милиони евра останале кај граѓаните.

– И покрај негативните мислења искажани за Законот за енергетика и очекувањата за драматично зголемување на цената на електричната енергија фактите покажаа обратно. До 2013, 2014, 2015 година ЕЛЕМ бележеше сериозни загуби од пет, осум, девет милиони евра, а цената на електричната енергија во тие години се качи за 60 отсто. Последните две години цената на струјата е стабилна. Се воведе ефтина тарифа за граѓаните која имаше инпакт осум, односно 11 милиони евра во џебовите на граѓаните. Факт е дека ЕЛЕМ стана одлична профитабилна компанија која денеска има акомулирана добивка од 49 милиони евра, рече Анѓушев.

Според претседателот на РКЕ Бислимоски, повеќе нема трошоците за обновливи извори кои досега доаѓаа до сите граѓани преку повластена тарифа и влијанието на цената изнесува околу седум отсто. Со новиот концепт, појасни тој, таа сума ќе биде субвенционирана директно од буџетот на државата и ќе немаме натамошно дополнително влијание врз потрошувачите на електрична енергија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот