Новак го победи Новак

милорад стојмановски
Милорад Стојмановски / Фото: Слободен печат

Менталниот оклоп на Ѓоковиќ се растопи во солзи кога ја круниса со триумф едномесечната борба сам против себе.

Ха-ха, ви реков. Ние создадовме чудовиште, напиша Ник Кирјос на социјалната мрежа Твитер, обраќајќи им се на своите сонародници, откако Новак Ѓоковиќ победи на Отвореното првенство во тенис на Австралија. Колку и да претерал, единствениот на тој континент, кој лани, во јануари, застана во одбрана на својот колега, остана доследен, а не е далеку ни од вистината, со оглед на тоа низ што сè помина и што сè преброди Србинот, на и надвор од теренот.

„Казнетиот“ се врати на местото на злосторот – арената „Род Лејвер“, поприштето на незаборавната епопеја против Рафаел Надал (пет часа и 53 минути) за да покаже дека и невакциниран е неуништлив. Иако освои грен-слем и лани, на Вимблдон, големото (воз)враќање во Мелбурн е позначајно, затоа што е негов Рубикон. Нужна психотерапија за да останат потиснати траумите од дисквалификацијата на САД опен 2021, ланските притвор и депортација од Австралија, забраната за настапи во САД во 2022, непресметувањето на АТП-поените од Вимблдон…

Неколкукратен е триумфот. Не само поради маичките со 10-ки (колку што има титули во Австралија), поради „22-ката“ на победничката тренерка (израмнување на рекордот на Надал по бројот на грен-слем титули), Ѓоковиќ треба да облече дресови со уште многу бројки по кои е единствен во историјата на машкиот тенис. На пример, со 374 (ја почна неговата 374. недела на врвот на АТП-листата), или 93 (бројот на АТП-титули), односно 37 (АТП Мастерс 1.000 трофеи), па 9 (единствен со победи на сите девет „Мастерс 1.000“ турнири), 28 – рекордна низа без пораз во Мелбурн… Се израмни и со Роџер Федерер и според освоени АТП Мастерс-финалиња (6). Најдобар е и во директните дуели со Надал (30-29) и Федерер (27-23), има највисок процент на победи (83,5 отсто, односно 1.043 победи од 1.249 натпревари)…

И покрај веројатно најголемиот во светот на тенисот физички, ментален, но и техничко-тактички капацитет што го поседува, и покрај восхитувачкиот однос кон сопственото тело и здравје и одржувањето на способноста да игра максимално и на таа возраст, овој пат најтешко на Ѓоковиќ му беше да се победи самиот себеси, кога веќе немаше достоен противник на теренот, бидејќи на седум натпревари загуби само еден сет. Требаше „25-годишниот“ Новак да ги совлада ограниченостите на 35-годишното тело, односно да ги држи под контрола повредите што доаѓаат со возраста и интензитетот на напорите. Сосредоточениот Новак на арената требаше да биде посилен од оптоварениот Новак поради случувањата надвор од теренот (по фотографијата на неговиот татко Срѓан Ѓоковиќ со навивачи со руски ознаки). Самоуверениот Новак требаше да го надвладее колебливото „второ јас“ притиснато од недовербата во неговата повреда, од судиите што опоменуваат и гледачите што дофрлаат кога не треба, од сè што може да го исфрли од баланс. За да остане доминантен од основната тениска линија од каде суверено владее деценија и пол.

Не случајно големиот Матс Виландер рече дека сите што се сомневаа во повредата на Новак, дополнително го „хранеа“ за да ги извлече натчовечките напори длабоко од себе и да возврати со ритерни во негов стил. Сега е уште посилен, и повторно е орен, како да е на почетокот! Џон Мекинро му прогнозира дека ќе додаде уште најмалку три грен-слем титули во портфолиото. Кирјос е уште поголем оптимист – 28! Во таа битка Ѓоковиќ тргнува од пол-позицијата, односно од врвот на АТП-листата.

„Менаџментот на бесот“ и матрицата со која ги контролира дури и непредвидените сенешта, менталната самоисцрпувачка битка заврши со – емотивен колапс, како што самиот го нарече. Крешендото на емотивното празнење, по карањето на тренерот, пцостите кон непристојни навивачи, поплаките кон судиите, дојде на крајот, кога менталниот оклоп се растопи во солзи, кога тешкото менгеме во главата го спушти на топлото мајчино рамо. Уследи плач и липање кој, го увери спортскиот свет дека чудовиштето, суперчовекот, „машината“ Ѓоковиќ е сепак – само човек!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот