Нова студија открива: Ковид-19 може да ја одземе способноста за препознавање човечки лица

Фото: Flickr

Пациентката Ени (28) (псевдоним за заштита на нејзината приватност), имала нормална способност за препознавање човечки лица пред да ѝ биде дијагностициран ковид-19 во март 2020 година. По закрепнувањето, неколку месеци подоцна, Ени имала реинфекција. Новата студија што го истражува нејзиниот случај, сугерира дека на долгата и растечка листа на проблеми со мозокот предизвикани од ковид-19, можеме да додадеме и „неспособност за препознавање/идентификување човечки лица“ (просопагнозија), објави „Саенс алерт“ (Science alert).

Кога Ени се сретнала со своето семејство за првпат по неколку месеци откако прележала ковид-19, било јасно дека болеста сè уште не е завршена.

„Гласот на татко ми излезе од лицето на странец“, им рекла Ени на истражувачите што го набљудувале нејзиниот случај.

Новата студија опфаќа повеќе од 50 други пациенти што се борат со долг ковид и на повеќето им било потешко да ги идентификуваат познатите лица.

„Лицата се како вода во мојата глава“, објаснила Ени, опишувајќи го обидот да се сети на некое познато лице, споредувајќи го со обид да реплицираш кинески знак по едно гледање, без да го знаеш јазикот.

Ени, која по професија е уметница, пред болеста, кога сликала портрети, имала потреба да погледне во моделот еднаш на секои 15 до 30 минути, а сега мора постојано да се потсетува и да гледа во својот модел.

Невропсихолозите од колеџот Дартмут, Мари-Луиз Киселер и Бред Душејн, ѝ направиле на Ени серија тестови и потврдиле дека нејзините проблеми со препознавањето се должат на специфични оштетувања, конкретно во меморијата на човечки лица, без други проблеми.

Но, Ени имала тешкотии и со снаоѓање и ориентација во позната околина, поради што морала да користи апликации како Гуглмап за да си го лоцира автомобилот. Проблемите со навигација често се поврзуваат со просопагнозија.

„Комбинацијата на просопагнозија и навигациски дефицит што ги имала Ени, го привлече нашето внимание бидејќи овие тешкотии заедно, вообичено се јавуваат по повреди на мозокот или развоен дефицит“, објаснил Душејн.

Додека имала ковид, Ени го изгубила чувството за мирис и вкус, имала проблем со дишењето и висока температура неколку денови. По реинфекцијата, проблемите со препознавање на лицето и навигацијата биле придружени со други долготрајни симптоми на ковид-19, вклучувајќи замор и проблеми со концентрацијата. Подоцна, таа развила и проблеми со рамнотежата и мигрена.

„Мозочниот удар не може да се исклучи како причина за нејзините симптоми, особено со оглед на доказите за зголемен ризик од мозочен удар со ковид-19“, предупреди тимот во нивната студија за случајот на Ени.

Без оглед на специфичниот механизам зад симптомите, ова е уште еден пример за тоа како ковид-19 може да предизвика невролошки проблеми.

„Нашата студија ги истакнува различните видови перцептивни проблеми, како препознавањето човечки лица и навигацијата, што може да ги предизвика ковид-19 и тоа е нешто за што луѓето треба да бидат свесни, особено лекарите и другите здравствени работници“, повикува Душејн.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот