Нова студија: Научниците пронајдоа нов начин да проценат дали некој е навистина во кома

Реакцијата кај луѓето на одредени мириси може да им помогне на лекарите да го одредат најдобриот третман за пациентите кои се во кома, вегетативна состојба или минимално свесна состојба, дијагнози познати како „состојби на нарушена свест“, пишува „Сајенс Алерт“.
Во новата студија, научниците велат дека може да биде многу тешко да се идентификува во каква состојба на свест се наоѓа пациентот. Тие користеле звуци и слики при истржаувањето, но резултатите покажале дека и мирисите исто така можат многу да помогнат.
Преку внимателно избрани мириси, кои се поставуваат директно под носот на пациентот, истражувањето покажало дека може да се идентификуваат состојбите на нарушена свест.
„Олфакторните одговори треба да се сметаат за знаци на свесност. Одговорот на мирис може да помогне во проценката на свеста и може да придонесе за понатамошната терапевтска ориентација.“, напишале истражувачите во нивниот објавен труд.
Инаку, тестовите во кои учествувале 28 пациенти на различни нивоа на свест биле спроведени од тим од Јужниот медицински универзитет во Кина. Биле испробани различни мириси, вклучително и мирис на ванила и деканоична киселина. При процесот на тестирање биле користени електроенцефалограмските скенови (ЕЕГ), за следење на мозочната активност на пациентите.
Научниците сметаат дека повисокото ниво на свест има тенденција да значи и посилна реакција на мирисите. Тоа и се потврдило, откако по три месеци тестирање, од 16 пациенти кои реагирале на мирисите, 10 се освестиле. Додека само 2 пациенти се освестиле од оние 12 што биле во групата каде што немало никаква реакција на миризливите дразби.
Овие резултати, се забележани при тестирањето само со мирисот на ванила, па истражувачите мислат дека силната реакција кај пациентите може да има некаква врска со пријатноста на мирисот.
„Нашите олфакторни системи работат поинаку од другите сетила со тоа што не го вклучуваат таламусот во мозокот, кој е еден вид мрежа поврзана со свеста. Мирисите имаат подиректна врска со предниот мозок, што може да биде многу корисно во овој контекст.“, велат истражувачите.
Овие истражувања помагаат повеќе да се открие за свеста, за реакциите и поврзаноста со мирисите и мозокот, но научниците сметаат дека се потребни уште тестирања кои ќе бидат со поголеми групи луѓе и со поширок спектар на мириси.
Со идните истражувања, тие велат дека би требало полесно да се следи обновувањето на свеста и активноста на мозокот кај пациентите со нарушена свест.