Нова студија: Две клучни промени во животниот стил може позитивно да влијаат на депресијата
Околу 3,2 милиони Австралијци живеат со депресија. Во исто време, малкумина ги исполнуваат препорачаните упатства за исхрана или физичка активност. Една нова студија покажува дека подобрувањето на квалитетот на исхраната и поголема физичка активност може да биде исто толку ефикасно како и терапијата со психолог за лекување на депресија од низок степен, пишува „Саенс алерт“.
Наодите од студијата сугерираат дека нутриционистите и професионалците за физичко образование може еден ден да играат важна улога во управувањето со депресијата. За време на долгите периоди на карантин, поради пандемијата на коронавирус, пристапот до услуги за ментално здравје и терапија лице в лице беше ограничен.
За време на студијата, истражувачите се фокусирале на луѓето кои живеат во Викторија (Австралија) со зголемен стрес, што значи барем блага депресија, но не мора да било дијагностицирано ментално нарушување. Типичните симптоми вклучувале чувство на тага, безнадежност, раздразливост или плачење.
Во соработка со локалната служба за ментално здравје, тие регрутирале 182 возрасни лица и обезбедиле групни сесии на Зум. Сите учесници учествувале во најмногу шест сесии во текот на осум недели, со помош на здравствени работници.
Половина беа по случаен избор назначени да учествуваат во програма водена од акредитиран диететичар-нутриционист и специјалист за вежбање. Таа група, наречена Програма за начин на живот, разви цели за исхрана и вежбање кои вклучуваат: редовна, пријатна физичка активност, разновиден избор на храна, храна богата со влакна и висококвалитетни масти и ограничени количини на храна која содржи заситени масти и шеќери.
Втората група учествувала на психотерапевтски сесии спроведени од двајца психолози. Програмата за психотерапија користела когнитивна бихејвиорална терапија (КБТ), златен стандард за лекување на депресија во групи.
Во двете групи, учесниците можеле да ги продолжат нивните постоечки третмани (како земање антидепресиви). На двете групи им биле дадени работни тетратки и корпи од авторите на експериментот. Групата за животниот стил добила корпи за храна, додека групата за психотерапија добила предмети како што се боенка, топка за стрес и масажер за глава.
Истражувачите на крајот добиле слични резултати во секоја програма.
На почетокот на анализата, тие на секој учесник му дале оценка врз основа на нивното ментално здравје. Повторно го направиле истото мерење на крајот од програмата.
Во текот на осум недели, овие резултати покажале намалување на симптомите на депресија кај учесниците во програмата за начин на живот (42 отсто) и програмата за психотерапија (37 отсто). Таа разлика не била статистички или клинички значајна, па експертите можеле да заклучат дека, како што тврделе, двата третмани биле подеднакво добри.
Имало и одредени разлики меѓу групите. Луѓето во програмата за начин на живот ја подобриле својата исхрана, додека оние во програмата за психотерапија сметале дека ја зголемиле својата социјална поддршка во споредба со тие варијабли на почетокот на третманот.
Инаку, учесниците на двете програми ја зголемиле физичката активност. Иако ова се очекувало за оние во програмата за начин на живот, тоа било помалку очекувано за оние во програмата за психотерапија. Ова може да се објасни со фактот дека тие знаеле дека се вклучени во истражувачка студија за животниот стил и потсвесно ги промениле нивните шеми на активност, или тоа може да биде позитивен нуспроизвод од ангажирањето во психотерапија, објаснуваат експертите.
Психолозите може да имаат долги листи на чекање. Резултатите од оваа компаративна анализа сугерираат дека, со соодветна обука и насоки, здружените здравствени работници кои се специјализирани за исхрана и вежбање би можеле да помогнат во решавањето на ова прашање.
Терапиите за начин на живот може да се комбинираат со психолошки сесии за да се обезбеди мултидисциплинарна нега.
Испитувањето се одвиваше за време на пандемскиот карантин и вклучи луѓе со барем благи симптоми на депресија кои немале ментално растројство.
Истражувачите велат дека се обидуваат да ги повторат овие наоди и сега спроведуваат студија отворена за Австралијци со ментални здравствени состојби како што се тешка депресија или биполарно растројство.