Нова шокантна книга: Зошто Френк Синатра верувал дека Мерилин Монро е убиена и во тоа се вмешани Кенедиеви или мафијата

Во своите мемоари „Синатра и јас: Во ситните часови“, Тони Опедисано откри како легендарниот пејач верувал дека неговата блиска пријателка Мерилин Монро е убиена и зад тоа стојат Кенедиеви или мафијата.

Фото:Инстаграм

Тони Опедисано е поранешен професионален музичар и пејач кој подоцна стана наградуван продуцент, а бил дел од менаџерскиот тим на Френк Синатра. Тој имал 21 година кога прв пат се запознал и спријателил со Синатра, а подоцна станал негов најдобар пријател. Исто така бил задолжен за турнеите и настапите на Синатра, соработник му бил на двата платинести албуми и продуцент на документарецот „Да се биде Френк: Синатра на 100 години“.

Во своите мемоари открива и детали за дружењето со музичкиот великан, но и ја заинтригира јавноста со теоријата за убиство на најпознатата холивудска русокоса убавица Мерилин Монро. Опедисано пишува дека Френк често пред смртта се потсетувал на своите љубови, луѓето без кои останал, но и пријателите кои најмногу му недостигаат, меѓу кои и Мерилин Монро.

Околносите под кои на 4 август 1962 година почина легендарната актерка, сè уште се под превезот на тајните, а иако службената верзија е дека починала поради предозирање со лекови, многумина и понатаму се сомневаат во тоа. Во своите мемоари авторот открива дека Синатра никогаш не верувал дека станува збор за случајно предозирање.

„Френк веруваше дека е убиена. И никогаш не ја преболе“ – пишува Опедисано. Во книгата открива дека Синатра и Монро биле блиски пријатели, но не и љубовници, како што многумина погрешно верувале. Иако сметал дека е убава и забавна: „Френк чувствуваше дека е премногу проблематична, премногу кревка за да може да спие со неа и потоа да си замине“.

Фото:Инстаграм

Но, Мерилин на Синатра му ги доверувала најинтимните тајни, вклучувајќи ја и врската со Џон Ф.Кенеди и неговиот брат Роберт Ф.Кенеди. Кога тие врски нагло завршиле, Мерилин му рекла на Френк дека не разбира зошто целосно ја исклучиле, откако престанале да имаат сексуални односи.

Викендот пред да почине, актерката била во познатото одморалиште „Кал Нева“, кое било делумно во сопственост на Синатра, а се наоѓа во близина на езерото Тахо. Она што светот не го знае, а авторот го открива е дека Мерилин таму отишла за да помине време со поранешниот сопруг Џо Димаџио, кој престојувал во близина, а следната недела решила на прес конференција да објави дека повторно се заедно.

Но, веста за прес коференцијата ги поттикнала озборувањата дека Мерилин ќе сподели детали за своите врски со ЏФК и РФК.

Фото:Инстаграм

„Френк кажа дека никогаш не би открила ниту еден детаљ од своите врски со Кенедиеви, бидејќи и понатаму чувствувала нешто за ЏФК. Френк веруваше дека да не беше најавена прес конференцијата, Мерилин сигурно ќе живееше подолго“ – открива Опедисано.

Неколку дена по нејзината смрт, Мики Рудин, адвокатот на Синатра, кој исто така соработувал со актерката, му кажал дека таа е убиена. Тоа биле озборувања кои кружеле меѓу луѓето на мафијашот Сем Џанкано, за кој исто така постоеја сомнежи дека е вплеткан во нејзиното убиство. Според книгата, Синатра имал неколку извори кои му ја кажале истата приказна: „Убиена е со таблети нембутал во вид на супозитории, а во тоа биле вплеткани Роберт Кенеди или мафијата“. Но пет децении подоцна вистината сè уште е мистерија.

„Теории на заговор има многу и не можат туку така да се заборават“ – пишува Опедисано. Она што тој го знае е дека Синатра долго време бил опседнат со нејзината смрт. Таа била една од неговите најблиски пријатели, меѓу кои биле екипата од „Рет пек“- Дин Мартин и Семи Дејвис џуниор. И на нив често се присеќавал во доцните години од својот живот, кога разговарале до зори во омилениот дом на пејачот во Палм Спрингс. Тие приказни долго време беа приватни, но сега 23 години по смртта на Синатра, Опедисано реши да ги сподели со надеж дека јавноста ќе ја види човечката страна на музичката икона.

– Се обидов да „насликам“ портрет на човек кого малкумина го знаат толку добро како мене. Мислам дека знаеше дека еден ден ќе ги споделам тие приказни за кои сакаше целиот свет да дознае – вели Тони.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот