Нова реалност со замаглени очи

Оние што возат со маски и имаат очила, а им се замаглат очилата и полицијата ги забележи дека така „замаглени“ возат, ќе бидат казнети со илјада фунти, зашто се опасност за сообраќајот. Возачите со диоптрија сега забрзано вежбаат дишење и издишување под агол што не замаглува очила. Зашто илјада фунти се… па еден добар одмор во Шпанија. За двајца.

Удобно завалени во столчиња со перничиња под виталните делови од телото, уживаме. Пијуцкаме и уживаме. Го сакаме нашето маало, посебно делот кој го нарекуваат „вилиџ“, што би требало да значи село, ама нема ништо од село, има само бутици, продавници, ресторани и кафеанчиња со маси и столчиња надвор, уште во времето кога во Лондон такво нешто беше реткост. Како што беа реткост згради и куќи со балкони. Сето тоа има објаснување – климата, се разбира.

Во ред, најголемиот дел од годината главно е средно блага, освен две недели во зима кога е зима и две недели во лето кога е лето ( ова во просек), ама  последните години, главно со промената на населението и нивните навики и со климатските промени, има и балкони и маси и столчиња на отворено. И забележувам, има сѐ помалку ветер од порано, кога ветрот беше уште еден заштитен знак на Лондон. Зашто само тука Австралијката П.Л. Траверс можеше да ја оживотвори идејата за  Мери Попинс, дадилката која источниот ветер ја донесе да ги чува децата на господинот Банкс.

Апликации за пивце

Седиме така и уживаме во зајдисонцето и во пијалаците и ништо не успева да ни го помати задоволството. Масите надвор се стратешки раздвоени на растојание од околу два метри и на секоја има број. Внатре има стаклени прегради меѓу масите, ама ние не сме за внатре. Сакаме на чист воздух вимблдонски, да гледаме кој поминува  кој заминува и да ја озборуваме „кралицата и татковината“. За да  нарачаме пијалак или храна (од грицки до оброк – пабовите веќе подолго време служат и храна, некои од нив- одлична), треба да направиме неколку операции.

Прво, на мобилниот телефон да ја преземеме апликацијата на пабот. Второ, да го наведеме бројот на масата на која седиме. Трето, да го впишеме бројот на банкарската картичка со која мислиме да плаќаме. Четврто, да почекаме банката и пабот да се поврзат, да се „прифатат“ и да нѐ прифатат. Петто, да го разгледаме менито и да кликнеме на она што сакаме да пиеме и евентуално да јадеме. Шесто, да потврдиме на нова страничка од апликацијата, дали е тоа она што го сакавме и дали сме о кеј со сумата која мислиме да ја потрошиме. Седмо, дали сакаме да оставиме некој тип илити бакшиш и ако сакаме колку – 10%, 12%,12,5%, 15% или колку што е вообичаено во пабот (немаме поим колку е вообичаено и не дознавме). И конечно, осмо, да кликнеме ОК и да чекаме да стигне нарачката. Нарачката потоа доаѓа во рекордно брзо време. Можеби затоа што келнерката беше во исчекување кога ќе стигнеме до целта? Или бевме дарежливи со бакшишот? Сеедно… изморени од целата процедура, но горди што ни успеа, задоволно уживаме во пијалаците. И со надмен поглед ги гледаме новодојдените кои  ѕ‘мбаат со мобилните или беспомошно  вртат глави наоколу обидувајќи се да уловат со поглед некој  келнер да им објасни, помогне, нацрта како да нарачаат, до вчера, обично пивце… Добре дојдовте во новата угостителска ју кеј реалност.

Бисери од препораки

Велат дека треба да поминат 90 дена за да се стекне навика. Од седењето дома во изолација, многумина стекнаа разни навики, некои лоши, некои добри, ама најголемиот број Британци „стекнаа“ некое килце повеќе. Се вежбаше, не оти не, секој ден гледав по некој упорен како протрчува низ мојата улица, ама бидејќи со месеци салите за вежбање беа затворени, со затворените базени и сауни во нив, а Британците главно или јадеа дома (оние залихи од изнакупени макарони требаше некако да се потрошат, а за брашното и да не зборуваме) или нарачуваа  брза храна, нацијата стана „бабачка“. Сосе премиерот на чело.

Но, откако ја прележа заразата со ковид-19 од што за малку и животот ќе го загубеше, Борис Џонсон и соопшти на нацијата дека дебелите се поподложни на зараза, дека решил да ослабне, и сега секој ден го шета кучето Дилан и вели дека држи диета и тоа и нам ни го препорачува, за да се заштити преоптовареното здравство. И во обид да ја заживее економијата, заедно со канцеларот Руши Сунак, решија да им помогнат на угостителите, па почнувајќи од овој месец, првите три дена во неделата, понеделник, вторник и среда оброците и безалкохолните пијалаци во кафеаните и рестораните се намалени за 50 отсто, и тоа до 10 фунти по муштерија. Значи да се вежба, за да се помогне здравството, ама и да се јаде по ресторани за да се помогне економијата. Што да се јаде, сега-засега, не ни кажуваат, но јасна е тенденцијата кон здрава храна, што и не е така лошо, а вегетаријанството и веганството (уф) земаат сѐ поголем замав.

Замагленост

Но, тоа не е сѐ од разните пораки што ни стигнуваат „од горе“. Има уште. Некои се вистински бисери. „Да се седи дома, за да не се шири вирусот, ама оние што можат, да одат на работа. Но, оние што можат да работат од дома, да работат од дома. Но, директорите на фирмите да решат кој да работи од дома, а кој да оди на работа. Ама не сите, само некои. Слободно одете на одмор во Шпанија. Еј, вие во Шпанија, ако не се вратите до утре до полноќ, ќе мора да седите дома во карантин две недели. Добро, не две недели, ајде десет дена. Централен Лондон ни е празен, лондончани треба да го користат јавниот превоз. Да не се користи јавниот превоз, ако нема потреба. Ако има, да се користи. Ама само малку, и тоа по можност, надвор од ударните термини“…

Навистина ме интересира, дали пандемијата  влијае врз здравиот разум? Ќе да има нешто. Владата ги кажува овие работи, но често пати не е единствена. Па некои министри ни велеа   да се носат маски, други дека не мора. Се додека не пресече премиерот па рече да се носат, ама само на затворено. И во возови, метроа, цркви, џамии, продавници, аеродроми…

Сепак, сите се согласни дека е важно да не се олабави населението, за да нема втор бран. Главните препораки се исти – да се држи растојание, да мијат раце, да се  почитуваат правилата. На некои навистина треба да им се повторува. Посебно на оние кои го искористија убавото и сончево време и високите температури, невообичаени за овој период од годинава и ги исполнија блиските излетнички места, каде што немаше „игла каде да се фрли“. Со маски на глава. Оториноларинголошки. Зад уво, под нос и на грло. За да можат веднаш да се кренат во затворен простор. Каде што, за неносење, казната е 100 фунти. Но, има и повисоки казни, од 1.000 фунти! Тоа е за возачите. Оние што возат со маски и имаат очила, а им се замаглат  очилата и полицијата ги забележи дека така „замаглени“ возат, ќе бидат казнети со илјада фунти, зашто се опасност за сообраќајот. И за себе и за другите.  Оние кои носат очила и маски, знаат за што зборувам. Возачите со диоптрија сега забрзано вежбаат дишење и издишување под агол кој не замаглува наочари. Зашто илјада фунти се… па еден добар одмор во Шпанија. За двајца.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот