Нова победа на Норвежанецот: Карлсен лесно ја одбрани круната

Магнус Карлсен е светски шампион во шах од 2013 година/ фото: EPA-EFE/YOSHUA ARIAS

Шаховскиот светски првак Магнус Карлсен непоразен и многу полесно од очекувањата ја одбрани титулата од предизвикувачот Јан Непомњашчи.

Карлсен (рејтинг 2856) и денеска освои цел поен против Непомњашчи (2782), за конечен триумф од 7,5-3,5 во мечот за титулата. Ова беше четврта победа на Карлсен во изминатите седум дена. Непомњашчи не победи во ниту една од изминатите 11 партии и успеа само седум пати да извлече реми.

Во денешната пресметка Карлсен со црни фигури играше на сигурно, но не ја пропушти грешката на противникот во 22 потег. Норвешкиот велемајстор со жртвување квалитет целосно ја разби тврдината пред белиот крал, заканувајќи му се со мат, од кој рускиот предизвикувач едвај се извлече. По размената на фигури, црниот остана со слободен и незпирлив пешак повеќе, во ситуација во која и многу послаби велемајстори од Карлсен би стигнале до победа.

Позицијата во која Непомњашчи му подаде рака на Карлсен

Со конечниот резултат од 4-0 во победи, но и со прецизната игра на мечот во Дубаи, Карлсен потврди дека во моментов е многу поквалитетен и постабилен шахист од Непомњашчи, третиот предизвикувач од кој ја одбранил титулата.

Магнус Карлсен е светски првак од 2013 година, кога на возраст од 23 години го победи тогашниот шампион Вишванатан Ананд со 6,5-3,5, без пораз. На реваншот следната година тој ја одбрани титулата од Индиецот (6,5-4,5). Во 2016 година Карлсен ја одбрани титулата и од Сергеј Карјакин, дури по дополнителните партии со забрзано темпо, откако мечот заврши 6-6. Според речиси идентично сценарио во 2018 година Карлсен ја одбрани титулата и од Фабио Каруана.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот