Нова книга: „Ти, моја, безмилосна една!“ од Цветанка Колева

Издавачката куќа „Или-или“ ја објави стихозбирката „Ти, моја, безмилосна една!“ од Цветанка Колева. Книгата е составена од два циклуса. Првиот циклус содржи кратки лирски нарации и стихови, а вториот, вински стихови. Авторката објаснува дека на страниците на книгата има преживеани записи од осум зими и деветта пролет. Создавањето на „Ти, моја, безмилосна една!“ и нејзината објавата на суптилен, пријателски и женски начин ја поттикнале три жени: Снежана Стојчевска, Љупка Антеска и Габриела Стојаноска-Станоеска.

– Кога еднаш поезијата ќе те бакне в чело, кога еднаш ќе те фати магијата, кога ќе ја вкусиш сладоста во стихот, пуштање веќе нема, нема враќање, нема раскрстување. Ако поетесата Љупка Антеска во својата книга „Отвори ги очите“ ѝ се обрати на поезијата со наредба или молба: „Поезијо, остави ме!“, Цветанка Колева помирливо, прифатливо, како мајка ѝ вели „Ти, моја, безмилосна една!“. Тој близок, личен однос не произлегува само од арс-поетиката, туку повеќезначно се обраќа и сама на себе, но и на секој доволно љубопитен и храбар да влезе во овој поетски свет – напиша поетесата Снежана Стојчевска.

Писателката Габриела Стојаноска-Станоеска за поезијата на Колева напиша дека „…напати е медитативна, урамнотежена, напати растреперена, исповедна, меланхолична, кревка… напати екстатична, страсна, џиш… напати остра, бурна, безмилосна каква што е во насловот…“.

Цветанка Колева (1975, Прилеп) дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на Катедрата за македонски јазик. Работела четири години како професор по македонски јазик на странци волонтери во невладина организација во Кавадарци. Во 2012 година со својата прва поетска книга „Ладно кафе“, издадена за издавачката куќа „Или-или“ од Скопје, е една од четирите поетеси чии книги ја сочинуваат женската поетска едиција „Русалки“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 31, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 16-17 мај 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот