Нова книга „Плачот на кларинетот“ од Ѓорѓи Лазаревски

Некогашниот наставник по македонски јазик и повеќегодишен претседател на Пелагониските културно-научни средби при општината Новаци, Ѓорѓи Лазаревски, ја објави својата нова книга со наслов „Плачот на кларинетот“. Книгата ја дополнува неговата низа на веќе објавени научно-истражувачки, монографски и педагошки трудови.

Новата книга на Лазаревски содржи 24 раскази со кои авторот дава монографски приказ на повеќе важни доживувања од неговиот живот, тргнувајќи од неговото родно село Бач во Битолско, преку доживувањата во Македонија до годините поминати како наставник по македонски јазик на децата на иселениците во Сојузна Република Германија. Професорката Вера Стојчевска Антиќ, која била негова соученичка во основното училиште во Битола, забележала дека „покрај големите заслуги за образованието на македонски јазик, за децата на нашите иселеници во Германија, тој ја оживува секоја стапка на овие простори, ги обновува настаните, средбите со луѓето, како да се тие нови приказни, кои се читаат со поголем интерес, иако настанале одамна“.

Рецензентка на книгата „Плачот на кларинетот“ е д-р Весна Калпаковска, која спонтано нагласува: „Реалистичкиот стил на пишување и мислата блиска до народните кажувања им даваат на расказите искрен, пријатен и смирувачки тон полн со топлина кон раскажувањето и кон читателите и ведри пораки дека животот е вреден да се живее и дека јунаци на книжевни дела не мора да се имагинарни ликови, туку обични луѓе со обичен живот и дека ваквите ликови се многу поголеми јунаци од оние во книжевноста. Ритамот на раскажувањето заедно со непосредниот реалистичен стил создаваат позадина со музички ефекти, со етно звуци и водопади од ноти што се прелеваат од кларинетот и го обојуваат расказот“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 79, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 8-9 мај 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот