Нова книга на Вера Стојчевска – Антиќ: Логосот како почеток и краj на универзумот

Историчарката на книжевноста и доктор по филолошки науки, Вера Стојчевска – Антиќ, во издание на „Панили“ ја објави својата најнова книга, која во целост е посветена на неговото величество – зборот.

Пишувајќи ја книгата „Допирот на зборот“ професорката по македонска средновековна книжевност Вера Стојчевска – Антиќ открила дека дефинициите за зборот можат да бидат многу различни, привлечни и разновидни. Нејзиниот пристап во создавањето на книгата е научен, изразот е есеистички, а со собраните материјали, вели, може да се објави уште една книга, бидејќи темата е благородна и многу широка.

– Почетоците на идејата за книгата водат до мојот предмет на факултетот. Предавав средновековна македонска книжевност и со Евангелието од Јован ми започнуваа првите лекции за студентите. Ме заинтригираа стиховите „во почетокот беше словото…“ уште тогаш, како млад асистент, и до денес предизвикуваа внимание, не само кај мене, туку и кај сите што се занимаваат со средновековна книжевност. Истражувајќи низ многу материјали за книгата открив многу дефиниции за зборот, а дел од нив во есеите и низ стихови од избрани современи автори се објавени во книгата – открива Вера Стојчевска – Антиќ.

Покрај есеите за зборот (словото), во книгата се објавени и 60-ина пословици и поговорки од Марко Цепенков во кои се среќава „зборот“, како и избор со 50 примери на авторско дефинирање на зборот во поетски и прозни творби. Поговорот за книгата „Допирот на зборот“ го напиша д-р Васил Тоциновски.

– Зборот е апсолутна вредносна мера за трите егзистенцијални димензии: човекот, времето и просторот. На таа вистина повикуваат/укажуваат уводните стихови од Евенгелието на Јована: во почетокот беше Словото, / и Словото беше во Бога, и Бог / беше словото. Логосот е почеток и краj на универзумот. Едноставно познато е тој е збор, мисла и разум. Божествен разум и божествено вдахновение е во идеалистичката филозофија. Во материјалистичката филозофија е сеопшта законитост на развојот и движењето. За неуморната универзитетска професорка Вера Стојчевска – Антиќ бил предизвик за создавање на едно ново, интересно и оригинално дело во македонската пратика. По предговорот редоследно се поглавјата: Книжевното и филозофско величие на зборот, Поетски зборотек, Зборот на писателот, Ме убива пресилниот збор, Пословици и поговорки од Марко Цепенков кои го содржат зборот и Избор од застапени творби. Во разгледување и толкувања на темата се користи есеистичкиот пристап со јасни и читливи согледувања, толкувања и вреднувања. Секој дел е самостојна текстовна целина, а потрагата по мислата и смислата на логосот е она што ги поврзува и обединува – пишува Васил Тоциновски во поговорот кон книгата „Допирот на зборот“ од Вера Стојчевска – Антиќ.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 77, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 17-18 април 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот