Нова книга на Маја Апостолоска ‒ „Ова е туѓо писмо”

Новата книга на Маја Апостолоска, насловена „Ова е туѓо писмо”, деновиве ја објави издавачката куќа „Макавеј” од Скопје. Книгата содржи четириесетина куси раскази кои се концепциски групирани во три тематски целини.
 
За расказите во книгата ‘Ова е туѓо писмо’ од Маја Апостолоска е карактеристичен ониричниот и фантазмагоричен амбиент во кој секој детал претставува симбол и секој од ликовите во исто време има човечки и метафизички карактеристики. Во нив е видлива опседнатоста со архетипските претстави, особено со оние сврзани со универзалното зло, со сите негови трансформации и олицетворенија, коишто како колективно наследство се секогаш возбудливи, но коишто истовремено се индивидуално визуелизирани, разглобени и соголени, некогаш и до степен на карикатуралност. Интертекстуалното поврзување со Библијата, и на стилско и на наративно ниво има за цел да предизвика еден вид книжевна мистификација, продолжување на големите епски старозаветни приказни. Иако расказите, условно кажано, функционираат како засебни целини, нивното значење и логика ја доживуваат својата полнота кога стануваат дел од пошироката целина. Така, оваа книга може да се чита истовремено и како како роман во една поширока интерпретација на овој жанр” ‒ истакнува во препораката за книгата писателот Бранко Цветкоски.
 

Меѓу расказите објавени во книгата „Ова е туѓо писмо” читателите можат да го прочитаат и расказот „Ова не е моето име” за кој авторката доби награда во конкуренција од над двесте раскази на конкурсот на „Нова Македонија”, а писателот Александар Прокопиев за овој расказ истакна дека има „современа структура на раскажување и ротира околу една судбинска приказна пресликана на вешт наративен начин”.
 
Маја Апостолоска е поетеса, прозаистка, литературна критичарка и есеистка. Дипломирала општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Авторка е на книгите „Заиграј, веќе, мастилаво!” (поезија, 2000 год.), „Прекин на комуникацијата” (поезија, 2004 год.), „Зад текстовите” (критики и есеи, 2007 год.), „Именувањето” (поезија, 2009 год.) за која ја доби наградата „Бели мугри” за најдобра поетска книга од автор до 35-годишна возраст што ја доделува Домот на културата „Кочо Рацин” од Скопје, а „Ова е туѓо писмо” е нејзина прва книга со раскази. Заедно со Јовица Тасевски‒Етернијан го има составено изборот од современата македонска поезија со библиски, религиозни и апокрифни мотиви што излезе како специјален број на списанието „Стремеж” (број 11/12, 2000 год.). Врз основа на нејзината поезија во Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов‒Џинот” во Велес беше изведена претставата „Прекин на комуникацијата” во режија на Весна Димитровска (2006 год.). Нејзината поезија е преведена на повеќе јазици и објавена е во неколку антологии на македонската поезија, а нејзини раскази се објавени во повеќе списанија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот