Нова книга: „Крсте Петков Мисирков – македонскиот меѓник“ од публицистот Свето Стаменов

Неодамна од печат излезе книгата „Крсте Петков Мисирков – македонскиот меѓник“ на новинарот на Македонското радио – Радио Скопје и познат публицист Свето Стаменов.

Книгата е своевидна збирка на радио-интервјуа реализирани на брановите на Македонското радио – Радио Скопје по повод деведесетгодишнината од смртта на, според многумина, најзнаменитиот Македонец на 20 век, Крсте Петков Мисирков, основоположник и кодификатор на македонскиот литературен јазик и правопис и на автохтоноста на македонската национална свест, револуционер и бескомпромисен борец против туѓите пропаганди и за македонска национална афирмација и основоположник и активен учесник во македонските научно-литературни и национално-политички друштва во Белград, Санкт Петербург, Одеса и Софија и раководител на Тајниот македонско-одрински кружок – ТМОК; филолог, славист, историчар, етнограф, аналитичар на национално-политичките проблеми, публицист, собирач и проучувач на македонското народно творештво, автор и издавач на првото списание на современ македонски јазик „Вардар“ и на македонската „златна“ книга „За македонцките работи“, која, пред сè, е одраз на неговата бескомпромисна борба за самостојноста на македонскиот народ токму во времето на најжестоките пропаганди на соседните држави, но уште повеќе, дело од непроценлива вредност за македонскиот народ во неговата вековна борба за слобода и за создавање сопствена македонска држава и сопствен македонски литературен јазик.

Книгата содржи 13 интервјуа – разговори со еминентни универзитетски професори, македонисти, извонредни познавачи и почитувачи на грандиозното дело на Крсте Петков Мисирков, како проф. д-р Васил Тоциновски, проф. д-р Људмил Спасов, проф. д-р Снежана Веновска-Антевска, проф. д-р Димитар Пандев, проф. д-р Васил Дрвошанов, проф. д-р Вера Стојчевска-Антиќ, академик Блаже Ристовски, проф. д-р Елена Јованова-Грујовска, д-р Славчо Ковилоски и проф. д-р Марија Коробар-Белчева. Рецензенти на книгата се проф. д-р Елена Јованова-Грујовска, проф. д-р Васил Тоциновски и д-р Славчо Ковилоски, а нејзиното излегување е овозможено со финансиски средства на Министерството за култура на РСМ.

Книгата „Крсте Петков Мисирков – македонскиот меѓник“ на Свето Стаменов може да се смета и за јасен и недвосмислен македонски одговор на најновите бугарски негирања на посебноста на македонската нација, на нејзиниот национален идентитет, на нејзината историја и, особено, на македонскиот јазик.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 58, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 28-29 ноември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот