Нова книга: „Далеку, а блиску“ од Владимир Мартиновски

Издавачкиот центар „Три“ ја објави книгата „Далеку, а блиску“ на професорот Владимир Мартиновски. Книгата е посветена на јапонската книжевност и на нејзината творечка рецепција во македонската книжевна средина. Компаративистичката анализа на Мартиновски ги опфаќа различните јапонски форми, преку танките на Ки, хаику бисерите на Кобајаши Иса, романите на Сеи Шонагон, до драмите на Чикамацу Монзеамон, осврнувајќи се на значајни дела од современата македонска поезија во дијалог со јапонската книжевност.

Инверзијата на синтагмата „Блиску, а далеку“ е своевидна игра во насловот, со цел да ја оптимизира мислата дека колку и да сме далеку, сепак сме блиски во уметноста без никакви меѓници и ограничувања. Преку 33 студии и осврти, Владимир Мартиновски ни нуди уште едно задоволство при читањето на компаративните дијалози меѓу две различни културолошки, но и јазични средини, кои се приближуваат една до друга, истакнуваат од „Три“.

Владимир Мартиновски (Скопје, 1974) e поет, раскажувач, есеист, теоретичар, книжевен преведувач. Работи како редовен професор по предметот Компаративни поетики на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Докторирал на Универзитетот Париз III – Нова Сорбона.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 58, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 28-29 ноември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот