Нова година без лумпување: Угостителските објекти во Скопје се полупразни

Нова година без организација на јавни собири и забави. Овојпат изостанаа и традиционалните прослави на вработени од фирми, како што било случај во минатото. Угостителските објекти во Скопје се полупразни, глетка каква што не се памети години наназад. За граѓаните, можеби, е последно откажување од навиките и верба во подобро утре. Многумина размислуваат на начин „поминавме многу, нека мине и ова“, но угостителите имаат поинакво чувство.

Последниот ден од 2020 година е најтешкиот за нив. Но, наместо оптимизам, кај нив провејува песимизам и нивните прогнози за периодот што следува се далеку од розови. Сметаат дека ќе биде уште потешко по нивната дејност, па некои од нив најавуваат дека ќе бидат принудени да стават клуч на локалите.

– Баш на Нова година се чувствува и гледа колку е траорно. Нема забави како лани со полни коњопои и гласна музика. Амбиентот овојпат седење на маса со музика со 5,5 децибили. Во јануари и февруари ќе биде уште потешко зошто мислам дека ќе има масовно затворање на угостителеките објекти, вели скопскиот угостител Трајко Цветков.

Туристичко-угостителската комора на влезот во новата година упати порака до државата за поголема финансиска помош за опстојување на секторот.

– Се цени помошта од државата, но апелираме во 2021 година таа да биде посилна и таргетирана кон поддршка на туризмот и на угостителство за да може да се преживее. Средствата се потрошени и ако нема посилна поддршка, многу од деловните субјекти ќе згаснат. Многу е значајно во обезбедување на економската помош да има континуитет, односно таа да продолжи од јануари, наведуваат од Сојузот на стопански комори.

Вратите на угостителските објекти денеска ќе бидат затворени во 18 часот, како што беше случај и во изминатите денови. Таквата рестриктивна мерки ќе биде на сила до 21 јануари и, според надлежните, е донесена во насока на спречување на ширењето на ковид-19 и намалување на бројот на нови случаи на инфекции.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот