Нова епизода од циркусот наречен Судски совет, судството стана срам за државата

Политиката навлезе во судството токму преку Судскиот совет. Секогаш велам дека сме потонале до дното и сфаќам дека таму каде што завршува логиката, почнува Македонија и дека има уште поголемо дно, што е жално и тажно, вели адвокатот Звонко Давидовиќ за „Слободен печат“.
Нова епизода од циркусот наречен Судски совет гледаа граѓаните на денешната седница и сведочеа на нови кавги, препирки и обвинувања за точката на дневниот ред – судирот на интереси на поранешната претседателка Весна Дамева, за која има обвинувања дека учествувала во постапки при одлучување на одговорност за судии, каде што странка бил нејзиниот сопруг.
Епизодата почна со расправијата меѓу Дамева и актуелниот претседател на Судскиот совет, Сашко Георгиев. Дамева обвини дека Советот има селективен пристап кон медиумите, откако материјали од денешната седница биле доставени само до еден портал.
– Тоа не е транспарентно, туку селективно постапување и фаворизирање еден портал. Има портали што ја следат работата на Советот и ним требало да им бидат доставени материјали за да ја анализираат состојбата. Кој и зошто ги дал тие материјали од кои дел се за постапки од кои јавноста е исклучена? Заклучокот е дека ова е хајка за да ми се наруши угледот – изјави Дамева.
Георгиев кажа дека и нему му се јавувале новинари, ама тој ги упатувал кај портпаролот и повика да нема манипулации.
Судирот продолжи помеѓу Данева и нејзината претходничка Павлина Црвенковска, па се надоврзаа и други членови.
– Секој од нас кога станувал член на Судскиот совет имал обврска да си праша по дома дали евентуално има некои предмети каде што може да настане судир на интереси. Нејзина обврска била да праша каде евентуално нејзиниот сопруг или друг член на семејството има предмети за да може да се изземе и да не се доведе во прашање нејзината работа – рече Црвенковска.
По бурните реакции, потпретседателот Селим Адеми ѝ порача на Дамева дека „требало да знае“. Претходно, таа се бранеше од членовите што ја обвинуваат дека не се иззела, иако морала поради тоа што странка во судскиот случај што се ревидирал бил нејзиниот сопруг.
– Ниту треба ниту сум морала да знам за деловните обврски за судски постапки и какви било постапки за мојот сопруг бидејќи ние дома не разговараме за судски работи. Ниту тој знае што јас постапувам, ниту јас знам какви судски постапки се водат, тоа прво. Второ, мојот сопруг и кој било член на моето семејство нема законска обврска мене да ме известува за јас да ве известам. Да бидеме начисто, ова е она што имам да кажам. Како ми кажуваат, така известувам. И за разлика од членови на Судски совет кога можеби имале судир на интереси, не известиле или не кажале причина за изземање, јас тоа не го сторив. Јасно и гласно известив, да престанеме со ова зашто создаваме лажна слика – кажа Дамева.
Адвокатот Звонко Давидовиќ вели дека ова што се случува во Судскиот совет е последица на вкупните состојби што со години траат во правосудството и на кои долго време укажуваше и стручна јавност и меѓународната заедница.
– Го заборавивме извештајот на Прибе каде што беа посочени многу работи. Постојано се зборува за некакви реформи, но ни „р“ од реформите не се спроведува туку се прави некаков шминкерај со промена на прописи. Сега кулминира состојбата зашто очигледно е дека системот е комплетно разнебитен, а Судскиот совет не си ја врши работата да биде брана и гарант за самостојноста и независноста на судството – вели Давидовиќ за „Слободен печат“.
Заборавањето на Прибе, додава тој, им одговара на сите партии и на сите тајкуни и на бизнис-структурата. Системот не функционира, а моралните и општествените вредности се комплетно разнебитени.

Според Давидовиќ, политиката навлезе во судството токму преку Судскиот совет, што е недозволиво. Па така, претседателка на Советот му реферираше на премиерот, членови се избираа на партиска координација и продолжуваше праксата – како која партија ќе дојдеше на власт, ставаше рака на судството зашто е исклучително моќна алатка за разрешување на проблемите кои ги имаат со неистомислениците и за задоволување на политичките потреби.
– Сите партии активно учествуваа и создадовме систем во кој не постојат вредности, напредувањата, разрешувањата и изборот се буквално давани од ракав, по симпатии, непотизам или по партиска припадност, ургенција – вели Давидовиќ.
Од серијата проблеми, тој ги наведува злоупотребата на терминот „истакнат правник“ за добар партиски кадар кој треба да се вдоми, како и бадентеровото мнозинство, односно одлуките и во Судскиот совет да зависат од малцинствата, иако во Советот се избираат судии што судат македонски граѓани и државјани и не гледаат верска и национална припадност.
Тој не може да претпостави дали е достигнат врвот на „циркусот“ во Судскиот совет или допрва ќе го видиме.
– Секогаш велам дека сме потонале до дното и сфаќам дека таму каде што завршува логиката почнува Македонија и дека има уште поголемо дно, што е жално и тажно. Решението е во спроведување комплетна евалуација. Ветингот е за кадри кои допрва треба да настапат, а за судиите треба евалуација на нивната работа, во комбинација со потекло на имотот. Но, иста евалуација е неопходна и за политичарите за да се види колку и каков имот создале откако дошле на власт. Не се согласувам со оценката дека малку судии би останале чисти по таа евалуација. Има судии што чесно работат и кои се маргинализирани, зашто не одговараат никому, не можат да дојдат до израз, завршуваат како првостепени судии и одат во пензија. Затоа тонеме. Ова е разнебитување комплетно на општеството – вели адвокатот Давидовиќ.