Нова бугарска власт, нова надеж за симнување на ветото кон ЕУ

Кирил Петков бугарија
Кирил-Петков/ Фото: МИА

За да се подобрат oдносите, треба да се формираат работни групи во кои освен историчари ќе бидат вклучени и луѓе од бизнисот, културата и образованието, кои нема да разговараат само за историјата, туку за сè што може да ги поправи односите меѓу двете земји – изјави Кирил Петков, лидер на победничката партија во Бугарија.

Победата на новоформираната партија „Промената продолжува“ во Бугарија и првите изјави на еден од двајцата лидери и иден мандатар Кирил Петков даваат надеж дека Скопје и Софија ќе ги подобрат односите и навистина ќе развиваат добрососедство и ќе градат поврзувачка инфраструктура. Сепак, мали се шансите на претстојниот самит во Брисел на 14 декември да биде тргнато ветото за почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ. Ова се првичните оценки на дел од аналитичарите по завчерашните трети парламентарни избори во рок од седум месеци во Бугарија, каде најмногу гласови освои новата „Промените продолжуваат“, формирана од двајцата технички министри во службената бугарска влада, дипломците од американски „Харвард“ Кирил Петков и Асен Василев.

Вечерта по изборите, Петков во интервју за БНТ рече дека неговата партија има категоричен став за тоа што треба да се направи во односите меѓу Бугарија и РС Македонија, односно треба да се формираат работни групи во кои освен историчари ќе бидат вклучени и луѓе од бизнисот, културата и образованието и кои нема да разговараат само за историјата, туку и за сè што може да ги поправи добрососедските односи меѓу двете земји.

– Не е нормално ако некој сака со авион да стигне во Скопје, да поминува низ Виена, ниту пак е нормално да нема железничка врска или бугарскиот бизнис полесно да работи во Австралија отколку во С Македонија. Треба да почнеме да зборуваме за сите аспекти на добрососедските односи. Работните групи треба да имаат јасни цели и да се состануваат еднаш месечно, а не на шест месеци. Бугарија мора да го брани својот национален интерес, а тие мора да го бранат својот интерес, но под заеднички именител дека двете земји имаат што да добијат од добрососедските односи – рече Петков.

Тој не одговори на директното прашање дали Бугарија ќе го тргне ветото на 14 декември, велејќи дека е невозможно да се зборува за конечни резултати без работен процес, кој ќе биде највисок приоритет на идното раководство на бугарското МНР, за да не се губи време.

– Сакаме да почнеме со добрососедство, добра волја и се надевам дека со многу конструктивност ќе се најде начин да се постигнат многу подобри резултати од досегашните – изјави Петков.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска вчера оцени дека изјавите на лидерот на победничката партија во Бугарија се добар знак за нов пристап во односите меѓу двете земји.

– Охрабрувачки е дека можната нова влада во Бугарија вели оти ни треба нов пристап. Ние ќе го имаме истиот дух на добрососедство, на отвореност и истата желба да најдеме решенија и да тргнеме напред. Ако има и половина од тој дух на бугарска страна, како што гледаме деновиве, можно е да видиме и пресврт. Дефинитивно нов пристап ќе биде корисен и за нас и за нив – рече Шекеринска.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера најави дека до состанокот во Брисел на 14 декември ќе се интензивираат контактите меѓу двете земји. По средбата со бугарскиот колега Светлан Стоев во Брисел тој објави дека продолжува конструктивниот пристап и добрата волја во билатералните односи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот