Нов зелен плоштад кај Поликлиниката „Млин Балкан“

Градот Скопје во соработка со „Скопје Лаб“ одбра четири микро локации каде што квалитетно ќе се менува средината, со помош на интересот на граѓаните и спроведени анкети. Просторот пред Поликлиниката „Млин Балкан“ е третата локација, што сега е едно пријатно катче каде очекувам граѓаните на Скопје да го употребуваат согласно своите потреби, затоа што е направено по нивно барање. За просторот од 600 метри квадратни, инвестицијата од Буџетот на Град Скопје изнесува 2,6 милиони денари, изјави градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов на денешната прес-конференција.

– Ја најавувам и големата реконструкција на улицата „Теодосиј Гологанов“, од раскрсницата со булевар „Климент Охридски“ до Католичката црква. Постапката е веќе започната и очекувам дека во текот на летниот период ќе дојде до целосно средување, по новите стандарди што ги воведуваме со велосипедски патеки, ново зеленило, обновување на тротоарите и коловозот, додаде Шилегов.

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ истакна дека Општината во текот на летото ќе започне со целосна реконструкција на улицата „Ленинова”, односно делот од булевар „Партизански одреди” до Клубот на пратеници.

– Реконструкцијата изнесува околу 70 милиони денари, каде првпат на таа улица се предвидени велосипедски патеки, а паркингот ќе биде резидентен. Во текот на летниот период овој дел од населбата Буњаковец ќе добие нова слика, додаде Богдановиќ.

Градоначалникот Шилегов најави дека четвртата локација што се обновува на булеварот „Јане Сандански“, во општина Аеродром, ќе биде промовирана во текот на наредните денови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот