Нов Зеланд ќе ги олабави мерките под еден услов: 90 отсто вакцинираност

Ковид-состојба во Нов Зеланд
Ковид-состојба во Нов Зеланд / Фото: EPA-EFE/DAN HIMBRECHTS

Премиерката на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн денеска соопшти дека земјата ќе го укине локдаунот и строгите мерки само кога 90% од населението би било целосно вакцинирано, пренесува Ројтерс.

Ова ќе го направи Нов Зеланд највакцинирана земја во светот.

„На крајот, најдовме рамнотежа помеѓу желбата за повторно отворање, но за луѓето да останат безбедни“, рече Ардерн на прес-конференција.

img alt
Џасинда Ардерн, 40-та премиерка на Нов Зеланд / EPA-EFE/DAVID ROWLAND

86% од луѓето биле вакцинирани со една доза

Досега 68 отсто од Новозеланѓаните се вакцинирани со две дози, додека 86 отсто примиле една доза. Кога ќе се исполни целта за вакцинација од 90 отсто од целото население, земјата ќе премине кон нова рамка за заштита од ковид-19, која ќе обезбеди излез од блокадата и ќе овозможи повторно отворање на компаниите, рече Ардерн.

„Целосно вакцинираните луѓе ќе можат повторно да се сретнат со семејството и пријателите, да одат во барови и ресторани и да прават сè што сакаат со поголема безбедност“, додаде таа.

Нов Зеланд, кој беше модел во борбата против ковид-19, има потешкотии во сузбивањето на ширењето на многу заразната делта варијанта на вирусот, и покрај фактот што неговиот најголем град, Окленд, е под строг локдаун повеќе од два месеци.

Светот се восхитуваше на нивната борба против коронавирусот, сега Нов Зеланд ја менува стратегијата

Видео на денот