Нов случај на пренос на коронавирус од животно на човек ја вознемири Холандија

Коронавирусот првпат е регистриран на фармите на куни во април, откако чуварите забележале дека одредени животни имаат тешкотии со дишењето.

Холандското министерство за земјоделство извести денеска за втор случај на пренос на коронавирус од канадски куни на човек на фарма на која животните се одгледуваат поради извоз на крзно.

Министерката Карола Шоутен го извести парламентот за првиот случај на зараза на работник на фарма на куни минатата недела, признавајќи дека насоките на министерството во кои стоеше дека луѓето можат да ги заразат животните, но не и обратно биле погрешни. Истакна дека ризикот за пренос на вирусот надвор од фармата според мислењето на Националниот институт за здравство е „незначителен“. Во денешното писмо до парламентот за вториот случај на пренос на вирусот од канадска куна врз човек повторно го цитираше тоа мислење на институтот.

Коронавирусот првпат е регистриран на фармите на куни во април, откако чуварите забележале дека одредени животни имаат тешкотии со дишењето.

Крзното на канадските куни се продава на кинескиот, корејскиот, грчкиот и турскиот пазар, потсетува Ројтерс.

Одвоено, холандските власти во неделата известија дека 147 работници од кланицата на компанијата Вион во Гроенло се позитивни на коронавирус. Властите минатиот петок ја затворија кланицата и упатија во карантин 600 работници.

Вион има кланици во Холандија и Германија, вработува вкупно 12.000 работници, а годишно остварува приход од 5,1 милијарди евра. Во кланиците во Германија заразата е утврдена кај повеќе од 10 работници.

Во здружението на холандски синдикати ФНВ сметаат дека причина за ширењето на вирусот треба да се побара во лошото станбено сместување на работниците. Многу работници се доселеници и живеат заедно во мал простор. Во повеќето случаи сместување им обезбедуваат агенциите за вработување, често во Германија.

Градските власти го повикаа Вион и агенциите за привремено вработување да го подобрат сместувањето на работниците за да можат посигурно да ги почитуваат мерките за карантин.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот