Нов серијал за Дракула, страшен како никогаш досега (ВИДЕО)

Youtube

Британскиот јавен сервис (Би-би-си) ја најави новата мини-серија, која во копродукција со Нетфликс ќе биде емитувана за време на новогодишните празници.

Се работи за нов серијал посветен на Дракула, романскиот гроф Влад Тепес, чија легенда била мотив за огромен број романи, поеми, филмови и телевизиски серии. Од Би-би-си прецизираа дека првата епизода ќе ја објават на 1 јануари во вечерниот термин, додека во наредните два дена ќе се емитуваат преостанатите две епизоди. На стриминг-платформата на Нетфликс сите три епизоди ќе бидат достапни за гледање на 4 јануари, со што и најголемиот дел од светската публика ќе има можност да го види Дракула.

Веќе рековме дека легендата за Дракула била инспирација за многумина, следствено на тоа снимени се огромен број филмски и ТВ проекти, а неколку од нив се најдоа и во одбраниот круг на класици. Затоа и очекувањата од оваа серија се големи, бидејќи е тешко да се претпостави што ново може да ѝ се понуди на публиката.

Базен од крв

Во првиот тизер објавен од британскиот сервис, можевме накусо да ја видиме сцената во која Дракула, толкуван од данскиот актер Клаес Банг, плива во базен исполнет со крв. Од синопсисот објавен на Нетфликс, се дознава и дека во сижето на приказната е борбата на Носферату со неговиот заколнат непријател Ван Хелсинг, а на гледачите ќе им бидат понудени и досега необјавени приказни за „вампирскиот крал“, кои се однесуваат на неговите авантури во Источна Европа.

Во британските медиуми серијата е рекламирана како најстрашната и најкрвавата приказна за Дракула досега. Серијата е без задршка жанровски сместена во категоријата хорор, а тие што имале прилика претпремиерно да ја погледнат се колнат дека љубителите на ужасни сцени нема да останат разочарани.
Никој не открива какви досега невидени приказни за Дракула ќе бидат тема на серијата, но од досега пласираното во јавноста се добива впечаток дека серија не е за луѓе со слабо срце.

Мн Инспирирано од 19 век

Трите епизоди ќе траат по 90 минути, а од Нетфликс се обврзаа серијата да ја објават на сите интернационални сервиси истовремено.

Креатор на серијата е популарниот англиски актер Марк Гетис, кој сценариото го потпишува во соработка со Стивен Мофат. Покрај Клаес Банг, во кастингот се најдоа имињата на Џон Хеферман, Доли Велс, Џоана Сканлан и Морфид Кларк.

Првиот роман посветен на грофот Влад Тепес е објавен во 1897 година од авторот Брем Стокер. Романот го опишува обидот на Дракула да ја напушти неговата Трансилванија и да се пресели во Лондон, во потрага по свежа крв. Тука е опишана и борбата на Дракула со мала група храбри луѓе, предводена од Абрахам ван Хелсинг.

Недвојбено, Дракула е еден од најкомерцилизираните фиктивни личности во филмската индустрија. Досега се снимени бројни сериозни проекти на истата тема, како и еден куп филмови и серии кои под влијание на романот на Стокер, креирале поинакви вампирски ликови со различни карактери и вештини.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот