Нов роман од Владимир Јанковски: Микс од преплетени приказни

Издавачката куќа „Антолог“ го објави романот „Скриени желби, немирни патувања“ на Владимир Јанковски. Станува збор за мозаичен роман, во кој врз основната приказна за четири лика се вкрстуваат приказните на педесетина луѓе од различни географски меридијани.

Содржината на романот е микс од приказни, преплетени и вмрежени меѓу себе, доловени со многу детали, хаику моменти, филмски секвенции, духовни епифании. Тоа е роман за интеракцијата меѓу личното и надворешното, за начинот на кој атмосферата и ситуациите ги обликуваат нашите внатрешни пејзажи, за потребата да се раскажуваат приказни и да се пронаоѓаат сјајот и лагата во нив.

Според рецензентката на книгата, Оливера Ќорвезироска, „во контекст на актуелната македонска продукција, со својот најнов роман, Јанковски го потврдува веќе освоеното место на различен во однос на тековните книжевни манири и пози; автентичен во однос на неговиот поширок книжевен интерес, свој и препознатлив глас во однос на сиот гргорлив шум на квалитетна романескна продукција последниве години“.

Владимир Јанковски (Скопје, 1977 година) дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Работел како уредник во повеќе издавачки куќи. Ги објавил следниве книги: „Невидливи љубови“ (роман, 2015), „Вечно сегашно време“ (роман, 2010), „Лицата на невидливиот град“ (заедно со Иван Блажев, фотоесеи, 2010), „Скопје со широко отворени очи“ (заедно со Иван Блажев, фотоесеј, 2008), „Огледало за загатката“ (2003, разговори со Влада Урошевиќ). За романот „Невидливи љубови“ ја добил наградата „Рациново признание“ и бил македонски кандидат за наградата „Балканика“. Јанковски активно се занимава и со книжевен превод.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 50, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 26-27 септември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот