Нов протест против пресудите за „Монструм“: Ова е еден вид на војна, тука сме и ќе се бориме
Одбраната на осудените во „Монструм“ најави жалби за мерката притвор, но и за изречените пресуди, додека пак нивните роднини најавија протест во петок.
Адвокатите на осудените истакнаа дека најверојатно постои спрега меѓу Судот и Обвинителство, бидејќи беше одговорено позитивно на барањето на обвинителката Фатиме Фетаи обвинетите да заминат зад решетки се до правосилноста на пресудата, поради можност од бегство.
Воедно, судот, како што истакнаа адвокатите од одбраната, ги изрекол казните што во завршните зборови ги побарала обвинителката Фетаи, иако за делата што им се ставаат на товар немало докази.
– Врховниот суд претходно беше таксативен и кажа дека воопшто нема докази дека ова се сторителите, а и покрај тоа видовте дека со наводно прецизирање на обвинение, каква неправда се направи. Одиме понатаму и како одбрана сме сигурни дека ќе стигнеме до правдата, изјави адвокатот Насер Рауфи.
Инаку, роднините на обвинетите во случајот „Монструм“ не се задоволни од изречените пресуди и најавија дека в петок ќе излезат на улица и ќе протестираат.
-Барам од политичките партии кои го поддржуваат чинот да се повлечат и да се дистанцираат од оваа одлука и тие да ни се придружат. Ќе протестираме во петок и ова е еден вид на војна. Тука сме и ќе се бориме, кажа Бедри Ајдари, роднина на дел од обвинетите.
Претходно во судницата обвинетиот Фејзи Азири истакна дека допрва ќе се изнесуваат аргументи за, како што вели, вистинските нарачатели на грозоморното убиство.
-Љубомир Јовески и Вилма Русковска, нека дојдат кај мене во затворот во Шутка да им дадам докази за нарачателите и организаторите на убиството. Ако не ми дозволат да ја поднесам пријавата во рок од десет дена, доказите ќе ги споделам со јавноста и странските амбасади, изјави Азири.
На почетокот на месецов, по завршните зборови на обвинителството, во Скопје се одржа протест на членови на семејствата и поддржувачи на обвинетит, на кој беше побарано разрешување на обвинителката Фатиме Фетаи и меѓународната заедница да интервенира за да има правда во „Монструм“, каде според демонстрантите, се гонат невини луѓе.
Во претходна постапка за убиството на момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута. Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост.
По укинувањето на пресудите, предметот беше вратен на повторно судење и случајот во март 2018 гдина го презеде поранешното СЈО. Во септември 2019 година предметите на СЈО ги презема Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и беа доверени на јавните обвинители кои дотогаш постапувале по конкретните предмети.
Насловна фотографија: Првиот протест за „Монструм“ во Скопје, 29 јануари 2021 / Ѓорги Личоски за ЕПА-ЕФЕ
ФОТО I Роднини на обвинетите во случајот „Монструм” со барање: Разрешување на обвинителката Фетаи
Спасовски: Сите учесници во протестот за „Монструм“ ќе сносат одговорност
Организаторот на протестот за случајот „Монструм“ заработи казна од 500 евра