Нов општествен договор

 Пандемијата нѐ научи (ако во тоа не успеа загадениот воздух) дека постојат поважни приоритети од името на државата, идентитетот и историјата. Еден таков елемент е и достоинствениот живот на секој еден граѓанин

Можеби онаа сѐ погласна презумпција дека по пандемијата светот никогаш нема да биде ист ќе ја помрдне неподносливата лежерност на македонскиот примитивизам во пракса. Замислувам како партизираната судбина на еден граѓанин, урната од својот неморал, се буди во еден нов општествен договор. Тој договор е всушност поредок чии околности би го притиснале граѓанинот да се соочи самиот со себе. Низ личното соочување интегритетот го превагнува интересот со што се раѓа одговорноста и чувството кон државата, а со тоа и кон институциите. Таквиот развој исцртува нова вредносна вертикала кај поединецот која пак го отвара хоризонтот кон поцврста критичка мисла и свест за државност.

 

 Национални приоритети

 

За ваквиот чин да добие на супстанца, најпрво мора да го препознаеме она од што најмногу се плашиме, а тоа е дека македонското општествено уредување е во опасна фаза на деградација. Тоне. Тој процес е константата на политичката равенка во која се менуваат единствено партиите. Таквите динамики го обесхрабруваат секој од нас да се бори против сегашната ситуација и го намалуваат просторот за каков било придонес. За овој концепт да не прерасне во декламација, го поставувам прашањето: како да обезбедиме простор за нов општествен договор?

Една форма за сузбивање на општествено-политичката небитница е издигнување на антиестаблишментот (без призвук на популизмот и радикализмот). Постојат бројни земји кои се одлучиле на ваков чекор, но секоја од нив поттикната од сопствената  комплексност на ситуацијата во која се наоѓала. Со оглед на фактот дека ниту една политичка архитектура во Македонија досега не гарантирала суштинска патека кон прогресот, не сме обврзани да бараме легитимитет или пак кредибилитет во ваквата опција. Дополнително, не би требало да ја исклучиме можноста антиестаблишментот да го претставува индивидуа (глумец, доктор, бизнисмен итн.) кој/а ќе биде формален лидер на партија од посточката политичка констелација, но со субверзивна политичка агенда. Поддршката за таквата агенда отвора хоризонт на надеж за артикулирање на партиската сервилност кај граѓанството, мултиетничката заблуда (за многумина бинационална состојба) и загубениот морален компас на општеството во некое ќоше на планетава.

Втората форма се наоѓа долж векторскиот простор на првата и се однесува на националните приоритети на државата, а со тоа и на општеството. Пандемијата нѐ научи (ако во тоа не успеа загадениот воздух) дека постојат поважни приоритети од името на државата, идентитетот и историјата. Еден таков елемент е и достоинствениот живот на секој граѓанин. Достоинствениот живот, кој подразбира културна, материјална и духовна димензија на исполнетост кај граѓанинот е суштината на една држава и на едно општество. Останатото е луксуз.

Крвта на улиците во Мијанмар најдобро го знаат тоа, каде што судирот на генерации (половина од популацијата е под 30 години) се бори за достоинствена иднина која му пркоси на трулиот систем на хунтата. Не е различна ситуацијата и на другата страна на светот, во Сантјаго, Чиле, каде новите генерации се изборија за устав посветен на социјалната политика, растоварен од стегите од ерата на Пиноче кои досега му одеа во прилог на естаблишментот. Светот сѐ повеќе се одлучува за политички курс кој ги адресира – на краток и долг план – граѓанските ургентности и есенцијалности. Тоа подразбира јасно редефинирање на националните интереси и приоритети преку суштински решенија за суштински проблеми.

 

 Социјална политика

 

Третата компонента наместо форма е токму социјалната политика. Убавината на социјалната политика е што грижата за граѓанинот стои во центарот. Тоа ја опишува и како идеолошка позиција и го категоризира овој тип на политичка инфраструктура како одржлив модел на живеење. Искоренување на сиромаштијата, справување со корупцијата, еманципација на сите категории граѓани, применување на родовите перспективи се дел од сето она што животот е.

Наспроти тоа, животот не е и не смее да биде приказна во која привилегија е болничкиот кревет. Поделбата на болничкиот кревет за време на пандемија на богати и сиромашни ја означува патолошката граница врз која чекори општеството.

Затоа пак, децении наназад вниманието на општеството го крадат апстрактни, или ако сакате, проблеми кои не се опипливи ниту со своето решавање, но се политички капитални. Поведени од минатото, логично е да се заклучи дека издигнувањето на социјалната политика е супстратот на евентуалната реорганизација.

Македонија е мала земја, со уште помал потенцијал да го промени светот. Но, тоа не значи да не останеме одговорно будни низ овие 200 километри. Новите генерации го носат товарот на надеж за промена кој не смее да остане само сон. Императивот мора да цели кон враќање на цивилизациските и моралните вредности дома. А, за тоа, потребен е нов општествен договор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот