Нов обид на Украина да го врати Крим би бил „крвав“ и „тежок“

Крим / Фото: Arthur Lookyanov / Alamy / Alamy / Profimedia

Рускиот претседател Владимир Путин се надеваше дека ќе ја освои Украина во десет дена. По девет месеци, тој се соочува со сериозни проблеми на териториите кои успеа да ги освои. Сега, моментумот е на страната на Украина, откако силите од Киев успеаја да направат две битни контра-офанзиви, на северо-источниот дел околу Харков и на југот кај Херсон, кои на крајот завршија со минимална загуба и максимален триумф, пишува познатиот британски неделник „Економист“.

Но, тие победи сега го поставија прашањето кое би можело да значи дополнително понижување за Русија. Последниве успеси на Украина сега може да ги поттикне за нивна понатамошна офанзива кон ослободување на веќе одземените украински територии, како Крим, кого војската на Владимир Путин го анектираше во 2014 година.

Во интервју објавено минатата недела, украинскиот претседател Володомир Зеленски најави дека украинската армија „сака да ги врати сите територии“.

Володимир Зеленски
Володимир Зеленски / 15 јуни 2022 / Фото: EPA-EFE/SERGEY DOLZHENKO

Но, западните експерти стравуваат дека таков обид на Украина би бил „многу тежок“, пишува „Економист“.

Украинските команданти се многу претпазливи околу следните чекори на армијата.

„Ако ги нацртаме нашите планови на социјалните мрежи и на телевизиите, нема ништо да постигнеме“ вели Михаило Забдорски, поранешен командант на украинскити воздушни сили.

За Забдорски, враќањето на Крим во моментов не е возможно, а доколку Киев сака нешто такво, мора да го планира за во 2023 година. А кога би започнала таква операција е уште едно тешко прашање. Но, според него „историјата секогаш покажала дека задржувањето на Крим е многу тешко“.

Според информациите на британскиот весник, можноста за украинска офанзива на Крим „не се исклучени“. Патиштата кои ги носат Украинците до Крим сега се во опсег на ракетните системи ХИМАРС, кои им предизвикуваат голема главоболка на руските сили откако летово пристигнаа како помош за Украина од западните сојузници.

Експертите сметаат дека засега Украина ќе се фокусира на другите области. Но напади слични на оној на Кримскиот мост, не можат да се отпишат. И самите Руси го знаат тоа, затоа и решија да ја зајакнат својата одбрана, потсетува „Економист“.

„Докажавме во секоја фаза дека нашите тактики и фокусирање на логистиката се точни. Ќе го покажеме повторно“, вели украински извор за британскиот весник.

Многуте битки за Крим низ вековите им даваат на Украинците многу сознанија. Руската анексија, која во голема мера заврши без крв во 2014 година, при која животот го загубија само двајца украински војници, не е типичен пример за она што всушност може да се случи.

Воените операции на Крим најчесто завршуваат со илјадници мртви: само во минатиот век стотици илјади паднаа пред портите на островот, првенствено во руската граѓанска војна и Втората светска војна. Патот кон Крим секогаш ќе биде крвав.

Украинските амбиции за враќање на Крим

Експертите го менуваат мислењето?

Украинските ветерани се чини дека ги менуваат ставовите. Адмиралот Микола Жибарев, кој во 1992 година го испровоцира распадот на руската Црноморска флота со прогласување на неговата фрегата за украинска, сега вели дека дипломатијата е најперспективниот пат за враќање на спорната територија.

Андриј Риженко, пензиониран капетан на украинската морнарица, роден на Крим, вели дека за успешна операција ќе бидат потребни многу работи за да се оди како што треба. „Постои реална перспектива дека работите ќе завршат со крвопролевање. Тоа е операција која на Украина не и треба“.

Забдорски пак, инсистира на тоа дека Украинците имаат план кој „би требало“ да биде успешен. Но, тој верува дека на Украина не и е потребно да го „форсира“ овој напад.

ФОТО/ Крим, Википедиа

Според него, има други „интересни“ сценарија кои украинските сили може да ги изведат. Украинските напади со дронови врз црноморската флота кон крајот на октомври, оштетувајќи го водечкиот брод „Адмирал Макаров“ и уништувањето на дел од мостот Керч беа примери за размислувањето на Украина.

Политичките лидери во Киев приватно признаваат дека повторното заземање на Донбас и Крим е покомплицирано од објавувањето јавни пароли, пишува „Економист“.

Тие прифаќаат дека голем дел од населението таму останува непријателски расположено кон Киев. Операциите во Харков и Херсон, на пример, беа помогнати од мрежа на „симпатични доушници“. Спротивното ќе биде случајот во областите на Донбас кои ги држи Русија од 2014 година, и од каде повеќето од симпатизерите на Киев одамна побегнаа или беа избркани. Операцијата за повторно заземање на Крим веројатно ќе наиде на партизански отпор од прорусите.

Далеку од јасно е дека Украина би можела да смета дури и на посимпатичните делови од населението, како што е заедницата на кримските Татари, од кои многумина досега ја прифатија руската власт како остварен факт.

Фото: Профимедиа

Но, Микола Билиесков, аналитичар во Националниот институт за стратешки студии на Украина, вели дека Зеленски сега е врзан за неговото ветување дека ќе го врати Крим.

Дури и пред успешните контраофанзиви во Харков и Керсон, анкетите покажаа дека повеќе од 84% од Украинците се против правење територијални отстапки за Русија во евентуалните преговори; тие бројки сега се речиси сигурно повисоки.

Тоа ја зголемува можноста дека претседателот на Украина може да се „втурне во ќош“, заклучува „Економист“. Обидот да се врати Крим под украинска власт би бил скап воен потфат – и би предизвикал раздор со сојузниците кои тој не може да си дозволи да ги отуѓи.

Видео на денот