Нов филм на Педро Алмодовар: Aлмодовар му се враќа на мајчинството

педро алмодовар
Фото: EPA-EFE/DAVID SWANSON

Многумина мислеа дека „Болка и слава“ на сугестивниот шпански режисер Педро Алмодовар ќе значи животно заокружување и можеби пауза во неговото творештво, но креативниот Педро продолжува да режира.

Среде корона и светска трка по вакцини, „Сони пикчрс класик“ и „Ел десео“ (продуцентската куќа на браќата Алмодовар) објавија дека ја продолжуваат соработката во најновиот филм наречен „Паралелни мајки“ (Madres paralelas).

Во најновата драма на Алмодовар игра кој ако не, неговата љубимица Пенелопе Круз. Изборот на останатите актерки е со идентичен сензибилитет: Хулиета Серано и Роси де Палма (кои со него соработуваа во „Жени на работ на нервен слом“), како и Израел Елејалде. Станува збор за, како што тој самиот ја нарекува, „интензивна драма“, што ја снима во Шпанија и во која се навраќа на жената, женскиот универзум и на мајчинството како тема.

По култните филмови: „Зборувај со неа“, „Сè за мајка ми“ и „Жени на работ на нервен слом“, Алмодовар најави дека овој негов најнов филм, според идентитетот на ликовите, ќе се разликува од претходните.
„Во мојата филмографија има многу мајки, но оние што се дел од оваа приказна се поразлични“, изјави тој, посочувајќи дека љубителите на неговата филмографија, може да очекуваат нешто поразлично од неговата „филмска мастилница“.

Темата, како што веќе најави е несовршеното мајчинство, а фокусот во филмот е ставен на три различни мајки и на нивните приказни, или „донкихотовското мајчинство“, како што вели самиот тој.

Овој филм, според сите најави, во себе носи женски печат, има женско филмско писмо, што доаѓа како навраќање на неговите почетоци. Ова особено по „Болка и слава“, каде што фокусот беа машките ликови и нивниот внатрешен свет.

„Паралелни мајки“ се очекува да биде завршен во 2022 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот