Нов Американец во кошаркарската репрезентација: Вајли „уапсен“ во Бугарија, но сепак стигнал до Македонија

Американецот Џејк Вајли (Гран Канарија, Шпанија) едвај стигнал до Македонија за да започне процедура за добивање македонски пасош. Кошаркарската федерација на Македонија прави напори да го ангажира за да настапи во ноемврискиот квалификациски циклус за ЕП 2022.

Македонската кошаркарска репрезентација веројатно ќе има нов Американец за ноемврискиот квалификациски турнир за ЕП 2022 што треба да се игра во Талин, Естонија.

Станува збор за Џејк Вајли (26, 203), крилен центар на Гран Канарија, клуб од најдобрата шпанска лига. Тој треба да го замени Шејн Витингтон, кој не може да настапи на овој „балон-турнир“ што се игра на крајот на ноември.

Македонија ќе игра со Италија на 27 ноември, а со Естонија на 30 ноември. Од Кошаркарската федерација на Македонија ни потврдија дека се во процес да го ангажираат Вајли да настапи за Македонија. Но, процедурата се уште не е готова.
Правиме напори да ја завршиме процедурата за да може Вајли да настапи за Македонија во ноември. Со тоа би ја пополниле позицијата под кошевите, каде сме дефицитарни. Витингтон, кој е во Јапонија, нема да може да помогне – ни рече Владимир Георгиевски, генералниот секретар на нашата кошаркарска федерација.

Вајли веќе бил во Македонија за да ја започне процедурата за добивање пасош и на сајтот „споуксмен“ раскажува каков проблем имал во Бугарија додека стигнал од Шпанија до земјава, во време на коронавирусот.

Практично не уапсија и не држеа неколку часа. Сакаа да знаат зошто еден Американец за време на патни рестрикции е таму и моравме да им објасниме која е целта на патувањето. Не можевме да заминеме се додека од македонската влада не потврдија зошто патувавме – раскажува потенцијално новиот репрезентативец на Македонија, што доживеал на аеродромот во Софија. Тој објаснува зошто е добро за него да настапува за Македонија.

Ако сум натурализиран европјанин, а не само Американец што игра во Европа, тоа отвора нови можности – вели Вајли.

Тој има играно на пет меча за НБА тимот на  Бруклин нетс во 2017 година. По доаѓањето во Европа, играл за Рајзен Лудвигзбург во германската Бундеслига (2018). Потоа се преселил во Австралија каде играл за Аделаида (2018-2019).

Во 2019 година потпишал за Гран Канарија. Во сезоната 2019-2020 играл за Панатинаикос, за сезонава да се врати во Гран Канарија.
Во последната полна одиграна сезона, во Панатинаикос, во грчкото првенство има настапи на 20 меча, во просек играл 16 минути, постигнал 9,4 поени и 3,7 скока по меч.

Сезонава за Гран Канарија во шпанското првенство има четири настапи со просек 9,8 поени и 2,3 скока по меч за 17,3 минути. Во Еврокупот на три меча има просек од 16 поени и 7,7 скока за 28 минути на теренот.
По две кола од квалификациите Македонија е на последното четврто место од групата Б со два порази, од Естонија во Скопје (72-81) и од Русија на гости (77-67).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот